Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека Хрватска веќе 14 години активно ѝ помага на Црна Гора на патот кон Европската Унија, но предупреди дека Загреб би можел да го протолкува доведувањето во прашање на утврдената копнена граница како територијални претензии кон Хрватска.
Пленковиќ во Шкабрња одговори на критиките на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и ги образложи осумте отворени прашања што Хрватска сака да ги реши пред завршувањето на пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија.
„Ако црногорската власт денес, во 2026 година, го доведува тоа во прашање, ние не можеме да го протолкуваме поинаку освен како можни претензии кон хрватската копнена територија. А ако некој има претензии кон копнената територија на соседната земја која сите овие години му помага на патот кон Европската Унија, тогаш можеби сè уште не сме доволно зрели да седнеме на иста европска маса“, рече Пленковиќ, пренесува „Индекс“.
Потврдување на копнената граница
Пленковиќ го оцени прашањето за копнената граница како најчувствително и најважно во односите меѓу двете држави. Тој потсети на привремениот режим договорен пред повеќе од 20 години и на начелото на Бадинтеровата комисија, според кое поранешните републички граници станале државни.
„Границата е утврдена. Дали треба нешто да се направи во однос на демаркацијата, метар овде, метар таму, тоа е техничко прашање. Но, утврдено е дека копнената граница меѓу Црна Гора и Хрватска излегува на море кај Конфин“, нагласи тој.
Додаде дека предлог-договорот што Хрватска ѝ го доставила на Црна Гора содржи само четири члена. Хрватска предложила сега да се потврди копнената граница, а разграничувањето на море да се остави за подоцна.
Со преговарачкото поглавје 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, е поврзано и прашањето за школскиот брод „Јадран“. Пленковиќ потсети дека неговото матично пристаниште било Сплит и дека на почетокот на војната бродот бил на ремонт во Црна Гора, од каде што никогаш не бил вратен.
Хрватска бара враќање на бродот „Јадран“
Според Пленковиќ, Југословенската воена морнарица пренела во Црна Гора речиси целиот имот, чија вредност била проценета на околу 2,7 милијарди евра. Хрватска сака симболично да го реши прашањето за сукцесијата на тој имот со враќањето на школскиот брод „Јадран“.
„Тоа се прашања за кои може да се постигне договор, но ние очекуваме еден гест“, рече Пленковиќ, додавајќи дека по враќањето на бродот двете земји би можеле да разговараат и за заедничка обука на морнарите.
Преостанатите шест отворени прашања Пленковиќ ги поврза со преговарачкото поглавје 23, кое ги опфаќа правосудството и основните права. Меѓу нив се почитувањето на спомен-плочата кај логорот Морињ, обесштетувањето на поранешните затвореници во логорот и промената на името на базенот во Котор, кој го носел името на Зоран Гопчевиќ, ватерполист кој за време на војната бил еден од чуварите во Морињ.
Тој го поздрави договорот за обесштетување на поранешните затвореници во износ од 18 милиони евра. Наведе дека низ Морињ поминале 317 затвореници, од кои денес се живи 260, а за семејствата на починатите затвореници е предвидено обесштетување од 50.000 евра.
Хрватска сè уште бара податоци за 14 исчезнати лица
Хрватска од Црна Гора бара и информации за судбината на 14 лица исчезнати во 1991 година. Црногорската страна тврди дека податоците завршиле во Белград, но Пленковиќ очекува дополнителни напори од Подгорица.
Тој предупреди и на малиот број кривично гонети лица одговорни за воените злосторства извршени за време на агресијата врз Хрватска. Додаде дека на црногорската страна ѝ биле доставени бројни податоци и дека натамошното постапување е во надлежност на тамошното обвинителство.
Последното прашање од поглавјето 23 се однесува на обесштетувањето на повеќе од 50 хрватски семејства во Црна Гора, на кои, според Пленковиќ, со години им бил одземан имотот на дискриминаторски начин.
„Тоа не се билатерални прашања, односно измислување проблеми, туку станува збор за вредности што секоја членка мора да ги прифати при влезот во Европската Унија“, порача тој.
Ги отфрла обвинувањата за блокирање на Црна Гора
Пленковиќ потсети дека Хрватска ѝ го отстапила на Црна Гора преводот на целокупното законодавство на ЕУ, дека хрватски експерти учествувале во бројни реформски процеси и дека Загреб го поддржал отворањето на сите и затворањето на повеќе од 20 преговарачки поглавја.
„Споредете го пристапот на Хрватска кон Црна Гора: помагаме, го даваме законодавството на ЕУ, доаѓаат експерти, даваме политичка согласност за отворање и затворање на поглавјата, водиме дијалог и настојуваме да ги решиме овие децениски прашања, за кои црногорската страна не покажала доволно волја“, рече тој.
Пленковиќ истакна дека сегашните црногорски лидери не се лично одговорни за настаните од минатото, но дека можат да ги решат наследените проблеми. Тој смета дека за тоа е потребна политичка волја од црногорската страна.