Укинат Колективниот договор за културата, оставен рок од пет месеци за постигнување нов договор


Уставниот-суд-го-укина-делот-националност-во-матичните-книги-„Се.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставниот суд на денешната седница го укина Колективниот договор за културата и членот 78-љ од Законот за културата, со одложено правно дејство до април 2027 година.


Одлуката на Уставниот суд стапува во сила по пет месеци, а не веднаш, со цел да се остави доволно време за социјален дијалог меѓу Министерството за култура и синдикатите и постигнување нов колективен договор, усогласен со Уставот и законите.

„При определувањето на одложеното правно дејство на Одлуката, Судот го имаше предвид бројот на вработените кои се опфатени со Колективниот договор, нивната егзистенцијална и финансиска сигурност, како и потребата од обезбедување континуитет во остварувањето на правата од работен однос. Судот спроведе темелна и сеопфатна постапка во која ја оценуваше уставноста и законитоста на Колективниот договор во целина, како од аспект на постапката за неговото донесување, така и од аспект на неговата содржина“, велат од Уставен.

Судот оцени дека не е во согласност со Уставот тоа што со Колективниот договор се конкретизираат и разработуваат прашања кои по својата природа треба да бидат уредени со закон. Имено, Методологијата за пресметување на платите, наместо да биде законски уредена, е утврдена со Колективниот договор, со кој дополнително се определуваат коефициентите и се дефинира системот на плати. Со вакво нормативно уредување, како што се наведува, е доведено во прашање начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Дополнително, од уставносудската анализа произлегло дека начинот на утврдување на основната плата и додатоците на плата во Колективниот договор е уреден различно од начинот предвиден во членот 78-љ од Законот за културата.

Ваквата неусогласеност, велат од Уставен, е спротивна на членот 51 од Уставот, согласно со кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи и со Уставот и со закон.

Судот оцени дека со оспорената законска одредба (78-љ) е засегнато начелото на владеење на правото.

Од содржината на членот 78-љ од Законот за културата произлегло дека законодавецот не ги утврдува суштинските елементи на системот на плати, ниту пропишува јасни критериуми, параметри или ограничувања врз основа на кои би се определувале платите, туку оваа обврска ја пренесува на основачот на јавната установа.

Притоа, велат од Уставен, законодавецот не определил ниту на кој начин, ниту со кој правен акт основачот би го уредил утврдувањето на платите.

Судот, исто така оценил дека оспорената одредба не е во согласност со членот 9 од Уставот, кој го гарантира начелото на еднаквост на граѓаните.
Ваквата законска поставеност, велат од Уставен, отвора можност различни основачи да воспостават различни модели и критериуми за утврдување на платите за исти или слични работни места, со што се создава можност за нееднаков третман на вработените во јавните установи од иста дејност.

Во врска со јавно изнесените тврдења дека на Синдикатот на културата на Македонија не му било овозможено да ги изнесе своите аргументи, Уставниот суд ја информира јавноста дека во текот на постапката се обратил до СКРМ, како еден од потписниците на оспорениот Колективен договор, со барање да се произнесе во определен рок.

За разлика од Министерството за култура, Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои доставиле одговори, од СКРМ не е добиен одговор во определениот рок.

Оттука, како што велат, не се основани тврдењата дека на Синдикатот не му била дадена можност да ги изнесе своите ставови и аргументи во рамките на уставносудската постапка.

„Уставниот суд го почитува уставно загарантираното право на мирен протест, јавно изразување на ставовите и незадоволството, вклучително и изборот на начинот и симболиката преку кои граѓаните ги пренесуваат своите пораки. Судот ја разбира загриженоста на вработените во културата, поради што при определувањето на правното дејство на Одлуката особено водеше сметка за нивната егзистенцијална сигурност и за социјалните и економските последици од одлучувањето. Уставниот суд нема надлежност да ги оценува барањата на културните работници за повисоки плати и подобри услови за работа, туку негова уставна надлежност е да ја оценува усогласеноста на правните акти со Уставот и законите“, велат од Уставен.

Уставниот суд, како што се додава, останува доследен на својата уставна функција, одлучувајќи самостојно, независно и непристрасно, исклучиво врз основа на Уставот и во рамките на своите уставно утврдени надлежности.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK