По повод 80 години од раѓањето и 60 години творештво на Велко Неделковски, еден од најзначајните македонски писатели за деца и за млади, издавачката куќа „Арс Ламина“ објави специјална јубилејна едиција со 18 наслови во 12 книги. Едицијата беше промовирана денеска (26 ноември), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во присуство на млади читатели, претставници на медиумите и на книжевниот свет.
За книгите и за творештвото за деца на Велко Неделковски говореше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Таа упати искрена благодарност до авторот за неговото долгогодишно творештво и за книжевното наследство што ги поврзува генерациите читатели, истакнувајќи дека неговите книги се дел од детството на многумина – од оние што растеле со неговите приказни и серии, до денешните деца на кои родителите им ги подаваат неговите книги.
„Од оние што Ве читале како деца, а денес им подаваат Ваша книга на своите деца. Од оние што растеле со сериите и сè уште го паметат нетрпението пред следното продолжение. Во таа благодарност е и мојата, за долгото читателско дружење со Вашите зборови. Вашето дело ни овозможува да се сретнеме, иако не сме растеле во исто време. Тоа е ретка писателска среќа: Вашето име да стои на корицата, а Вашиот збор да стане дел од нечие растење. А некаде, токму сега, расте дете што допрва ќе Ве открие. За него, Вашата најпозната книга ќе биде првата книга од Вас. Ќе ја отвори, ќе прочита неколку реда и ќе посака да продолжи. Во тој миг, Вашите осумдесет години ќе се сретнат со неговите осум, десет или дванаесет. И ќе имаат за што да разговараат. Во таа средба го препознавам и Вашиот творечки одговор на прашањето од „Љубопитна песна“. Зачуваното чувство за детството може да му помогне на еден писател да им остане близок на децата цел живот. Вам Ви успева, драг Велко. И затоа сега и тука толку многу наши детства се собраа околу Вас. Нека Ви е среќен јубилејот, драг Велко! Ви посакувам здравје, радост и уште многу нови страници. Нека има уште многу деца во Вашите книги и уште многу Ваши книги во детството“, порача Мојсова-Чепишевска.
Велко Неделковски изрази благодарност до издавачката куќа „Арс Ламина“ за објавувањето на јубилејната едиција, истакнувајќи дека му претставува особена радост неговите книги повторно да бидат достапни за читателите и да продолжат да живеат во детството на новите генерации.
„Обично се вели дека писателот пишува додека е жив. А јас би рекол дека ќе се чувствувам жив додека пишувам. Пишувам уште од раното детство. Во една скромна школска тетратка ги напишав првите песни, а подоцна, во средношколските денови, почнав да пишувам проза. Редовно објавував кратки прозни дела во тогашните списанија за деца. Првата книга, „Леб за тате“, ја објавив релативно доцна, на 32-годишна возраст, во 1978 година. Расказите од книгата беа високо оценети од критиката и од читателите, а некои од нив беа оценети како антологиски. Уште од почетоците го почувствував одблесокот на пишувањето и знаев дека тоа ќе ми стане животна определба, мисија и посветеност. Пишувањето е сложен процес. Треба да се избере тема и да ѝ се даде време да созрее. Сè уште пишувам рачно, во тефтер. Сакам да ја почувствувам секоја буква и секој збор. Дури кога ќе бидам сигурен и задоволен од напишаното, ракописот го префрлам во компјутер“, рече тој и нагласи дека своите книги им ги посветува на сите деца, а дел од нив носат и лична посвета на неговиот внук Филип.
„Децата се прва лига! Пишувањето за нив е привилегија. Детето во мене е постојано живо“, рече тој и додаде дека денешните деца се разликуваат од децата во претходните генерации.
„Секое детство си носи свој генерациски квалитет. Ние бевме поинакви, имавме поинакви идеи и игри. Во мое време техниката не беше толку напредна, а радиото за нас беше прозорец кон светот. Денешните деца имаат други предности и растат во поинакви околности. Секое детство има свои специфичности, но секое детство е убаво. Децата можат и треба повеќе да ги држат книгите в раце отколку телефоните. Книгата и мобилните телефони не треба да си прават штета еден на друг, туку да се надополнуваат на убав начин. Треба да има време и за книга и за игра на мобилен телефон. На оние што сакаат еден ден да станат писатели би им препорачал, пред сè, многу да читаат и да го следат гласот на своето срце, бидејќи најубаво се пишува со срцето. А на децата им препорачувам да читаат што повеќе. Читањето е осаменост во друштво на целиот свет“, порача Неделковски.
Јубилејната едиција опфаќа шест самостојни изданија – „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“, „Бибисек Втори“, „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Првото жарче ЉУБ“, како и шест книги во оригиналниот концепт на „Прегрнати книги“, во кои се обединети по два наслова: „Песноград“ и „Сказнобус“; „Стихотека“ и „Светот има осум страни“; „Децата се прва лига“ и „Кога цутат имињата“; „Стихијада Ха-Два-О“ и „Верочка и Вовчек“; „Во царството Виножит“ и „Детето со име Димец“; „Адреса на срцето“ и „Хокус покус приказникус“. Дел од овие изданија веќе беа објавени, а во едицијата се вклучени и најнови наслови. Сите книги добиваат ново, освежено руво и посебен визуелен идентитет, со специјално дизајнирано лого посветено на јубилејот.
Новата јубилејна едиција наскоро ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.