Левица: Мнозинството ги одби сите наши амандмани за семејно насилство, противпожарна заштита и Армијата


Levica.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ ги одби амандманите на Левица на Предлог-буџетот за 2027 година, со кои партијата бараше средства за заеднички тимови на МВР и центрите за социјална работа за постапување при семејно насилство, зајакнување на противпожарните и спасувачките капацитети, подобрување на условите во Армијата и воведување контрола врз користењето на службените возила.


Одбиени биле и предлозите за основање Дипломатска академија, подобрување на дипломатско-конзуларните услуги и зајакнување на соработката со македонската дијаспора и општините, соопштија од Левица.

Од партијата велат дека со еден од амандманите побарале издвојување 95 милиони денари за воспоставување заеднички оперативни тимови на Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа. Целта, како што наведуваат, била да се овозможи координирана интервенција на полициските службеници и социјалните работници, размена на информации и навремена заштита на жртвите на семејно насилство.

„Наместо да ги зајакне институционалните капацитети за справување со семејното насилство, ДПМНЕ го одби и овој предлог, со кој требаше да се надмине фрагментираното постапување на институциите и да се обезбеди поефикасна заштита на жртвите“, велат од Левица.

Меѓу одбиените предлози биле и оние за зајакнување на противпожарната заштита и капацитетите на Дирекцијата за заштита и спасување. Левица предложила зголемување на наменските дотации за противпожарна заштита, 60 милиони денари за набавка на противпожарни возила за територијалните противпожарни единици во Југоисточниот плански регион, како и средства за изградба и опремување противпожарен пункт во Бутел.

Дополнително, партијата побарала пари за набавка на опрема и машини за Дирекцијата за заштита и спасување, како и за поправки и тековно одржување на постојната противпожарна и спасувачка опрема, вклучително и воздухопловната опрема. Според Левица, редовното сервисирање и техничката исправност се неопходни за подготвеност и навремено интервенирање во кризни ситуации.

Со други амандмани биле побарани околу 813.000 евра за медицинска и друга неборбена опрема за Армијата, како и дополнителни 1,6 милиони евра за реконструкција и одржување на армиските објекти. Средствата биле наменети за реконструкција на кујни, трпезарии и санитарни јазли, поправки на инфраструктурата и подобрување на условите за сместување, исхрана и работа на припадниците на Армијата.

Мнозинството го одбило и предлогот за воведување задолжителен ГПС-систем за следење на службените возила во државна сопственост, за кој Левица побарала 67 милиони денари. Според партијата, со централен дигитален систем би се овозможиле контрола на движењето и користењето на возилата, како и спречување на нивната употреба за приватни цели.

Одбиен бил и амандманот за основање и почеток на работа на јавната установа „Дипломатска академија“. Предлогот предвидувал средства за основање на установата, ангажирање кадар, подготовка и спроведување наставни програми, стручни обуки и набавка на потребната опрема.

Левица побарала и околу 406.500 евра за активности поврзани со македонската дијаспора преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и културните центри во странство. Дополнителни околу 162.600 евра биле предвидени за меѓународна соработка на општините, преку збратимувања, контакти со странски општини и поврзување на локалните производители и претпријатија со нови пазари.

Одбиен бил и предлогот за подобрување на дипломатско-конзуларните услуги преку дополнителни средства за техничка опременост, адаптација на објектите и организациска поддршка.

Според Левица, одбивањето на амандманите ја покажува разликата меѓу декларативните заложби на Владата и нејзините реални буџетски приоритети. Од партијата обвинуваат дека владејачкото мнозинство ги игнорира предлозите на опозицијата, без оглед на нивната содржина и значење за граѓаните.

„Наместо Буџетот да го третира како јавен инструмент што треба да ги одразува потребите и волјата на граѓаните, владејачкото мнозинство се однесува како јавните средства да се негова приватна сопственост, а Собранието како институција во која предлозите на опозицијата однапред се осудени на одбивање“, велат од Левица.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK