Власта на ВМРО продолжува со партизација на институциите, овојпат и на Советот за граѓански надзор, кој треба да врши контрола врз безбедносните служби и да ги штити граѓаните од злоупотреби, укажа пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на собраниската седница на која на дневен ред беше Предлог на одлуката за избор на членови на Советот за граѓански надзор.
Талески посочи дека наместо независни и стручни членови, власта предлага партиски кадри и лица блиски до партиски функционери, кои треба да добиваат паушали од околу 90.000 денари месечно. Тој додаде дека ВМРО и овој независен контролен механизам се обидува да го претвори во партиска комисија за вдомување свои активисти, откако претходниот предлог беше повлечен по реакциите на јавноста и опозицијата.
„Ова, практично повеќе не наликува на никаков граѓански надзор за надзор на следење на комуникациите. Ова практично го претворивте во една ваша партиска комисија, сè со една цел да ги ухлебите со сериозни паушали. Очигледно не ви е доволно што ги партизиравте институциите на извршната власт“, рече Талески.
Тој потсети дека претходниот оглас беше повлечен токму поради партиската поврзаност на предложените кандидати, но дека власта не извлече никаква поука и сега повторно се обидува да го партизира Советот.
„Значи, мораше јавноста да реагира за да ретерирате. Но и од тие реакции очигледно не сте извлекле заклучок и денеска имаме нов предлог, предлог со којшто сакате да го допартизирате Советот за граѓански надзор“, рече Талески.
Како пример за класична партизација на Советот, Талески посочи е тоа што за член на Советот се предлага сопругата на актуелниот директор на Драмски театар, кој е докажан партиски активист на ВМРО, поранешен носител на советничка листа и координатор на советничката група во Општина Карпош.
„Законот го менувавме со двотретинско мнозинство да обезбедиме независен надзор. А вие денес го користите процесот за партиско домување. Денес за член на Советот ја предлагате сопругата на директорот на Драмски театар, докажан ваш партиски активист, којшто бил носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, бил координатор на советничката група во Општина Карпош. Тој е сега актуелен директор. Сега неговата сопруга за паушал од 90.000 денари ја вдомувате тука, онаму каде што не треба да биде сместена. Таа е дипломиран психолог. Предлагате и друго лице, Андон Димовски, дипломиран социјален работник. Е сега тука ви го поставувам прашањето: што овие лица освен партиската припадност ја имаат околу она коешто е делокруг на работа на Советот за граѓански надзор?“, рече Талески.
Тој додаде дека за разлика од партиските предлози на власта, на огласот биле пријавени и предложени истакнати универзитетски професори и лица со соодветно професионално искуство и познавање на областа, кои можат стручно и независно да ја извршуваат оваа функција.
„Дали некој има некакво си искуство во делот на оваа проблематика? Никакво познавање. Единствен услов којшто го имаат да бидат сопруги на високи партиски функционери на ВМРО и да добиваат паушал од 90.000 денари. За разлика од тоа, на огласот којшто го објави Комисијата за избори и именувања тука во Собранието беа предложени, ги имаме на листа, истакнати универзитетски професори, лица коишто работеле во таа бранша и добро го познаваат тој систем којшто треба да го контролираат“, рече Талески.
Талески потсети и зошто воопшто постои Советот за граѓански надзор, нагласувајќи дека тој е формиран како директен одговор на скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беа следени над 20.000 граѓани. Токму затоа, посочи тој, овој механизам мора да биде независен од политичките партии и да служи за заштита на приватноста и слободата на граѓаните.
„Токму затоа беше потребен независен граѓански надзор, не за партиски вдомувања, не распределба на паушали, туку за заштита на приватноста и слободата на граѓаните“, рече Талески.
Тој предупреди дека обидите за партизација на Советот се уште поопасни во момент кога власта најавува спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, со што се отвора прашањето за концентрацијата на безбедносната и разузнавачката моќ во државата и механизмите што треба да ја контролираат.
„Во исто време кога се најавува реорганизација и спојување на безбедносно-разузнавачките структури, власта се обидува да го партизира и Советот кој треба да врши граѓански надзор. Значи, сакате да ја концентрирате безбедносната моќ, а истовремено да ги контролирате и оние што треба да ја надгледуваат таа моќ. Тоа е суштината на нашата загриженост. Тргнете рацете од овој дел, видете, таму има кандидати коишто ги исполнуваат условите“, рече Талески.