– Практичното знаење, размената на искуства и директниот разговор со бизнис-лидерите беа во фокусот на настанот што Европската бизнис асоцијација (ЕБА) го организираше во Europe House Skopje, во рамките на Глобалната недела на претприемништвото 2026. Под мотото „Вистинската слобода започнува со твојот бизнис“, настанот ги доближи до младите клучните одлуки и предизвици на патот од почетна идеја до функционален и одржлив бизнис.
Студенти од економските факултети при УКИМ, УГД и ЈИЕУ имаа можност да разговараат со претставници на компании од различни сектори за препознавањето на потребите на пазарот, започнувањето сопствен бизнис и вештините потребни за негов развој. Преку конкретни примери и научени лекции, говорниците ги споделија своите искуства од првите деловни чекори, надминувањето на пречките и градењето успешни организации.
„На младите им се потребни практично знаење, охрабрување и можност да учат од реални деловни искуства. Нашата улога како деловна заедница е да им помогнеме да го направат првиот чекор со поголема подготвеност, да ја разберат потребата на клиентите, да ја проверат својата идеја и да изградат тим со кој ќе ја развиваат. Сопствениот бизнис носи слобода, но и одговорност. За да расте, потребни се лидери кои ги препознаваат границите на сопственото знаење, постојано учат и умеат да се приспособат на промените. Токму таа подготвеност за учење и дејствување сакаме да ја поттикнеме кај младите“, изјави д-р Катерина Бошевска, претседателка на ЕБА.

Интерактивната панел-дискусија „Од идеја до прв практичен чекор“ опфати повеќе аспекти на претприемништвото: од едноставни начини за тестирање на бизнис-идеите и стекнување на првите клиенти, до правните чекори при основање компанија, градењето доверба и развојот на препознатлив домашен бренд. Се разговараше и за лидерството во услови на брзи промени, како и за улогата на претприемничкиот начин на размислување во поттикнувањето иновации и ефикасност во големите компании.
Своите искуства ги споделија Евангелија Калуптси од Стопанска банка АД Скопје, Абдулезел Догани од Везе Шари, Татјана Шишковска од Адвокатско друштво Поленак, Ангелка Пеева Лауренчиќ од Имиџ ПР, Марија Дуковска Павловска од Макстил и Владимир Ристевски од Пиксел

Значаен дел од настанот беше посветен на прашањата на студентите и на директната размена со говорниците, по што следуваше неформално вмрежување. Завршната порака до младите беше да ја претворат инспирацијата во конкретна акција – да истражат реална потреба на пазарот, да тестираат идеја или да развијат вештина со која ќе го направат својот прв претприемачки чекор.
Европската бизнис асоцијација (ЕБА) е независна, непрофитна организација, основана во 2004 година, која повеќе од две децении работи на поврзување на домашната и европската деловна заедница. Нејзината мисија е да ги застапува интересите на компаниите членки, да го поттикнува одржливиот економски раст и да придонесува кон унапредување на деловната и трговската соработка со Европската Унија.