Шест лица се приведени во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата, поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик, соопшти МВР.
Од нив, тројца управувале патнички возила и покрај активна забрана за управување моторно возило. Станува збор за С.С. (35) од Кичево, Ш.Ф. (58) од селото Чичево, Општина Градско, и М.П. (42) од селото Стајковци, Скопско.
Двајца возачи биле затекнати како управуваат возила под дејство на алкохол, и тоа Б.С. (40) од Прилеп и Т.Л. (74) од Радовиш.
Без положен возачки испит управувал возило Е.Р. (30) од селото Морани, Општина Студеничани.
По целосното документирање на случаите, против шестмината ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.