На вчерашната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците донесовме одлука за одржување јавна расправа по Предлог-законот за организација и работа на органите на државната управа, која ќе се одржи во понеделник, со почеток во 10 часот, изјави Љупчо Пренџов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Како Комисија, вели тој, продолжуваме со политиката на инклузивност, транспарентност и отворена дебата при подготовката и донесувањето на важните законски решенија.
Според него, станува збор за закон кој, како што рече, директно влијае врз функционирањето на државната управа, ефикасноста на институциите и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните.
„Затоа, неговото донесување не смее да биде само формално исполнување на законската постапка, туку резултат на сериозна дебата, стручна анализа и широк општествен и политички консензус.
Нашата цел не е само да донесеме закон, туку да создадеме подобар, поодговорен и поефикасен систем, кој ќе биде поблизок до потребите на граѓаните.
На јавната расправа веќе ги покануваме експертите, универзитетските професори, претставниците на институциите, граѓанскиот сектор, меѓународните организации и сите релевантни чинители кои со своето знаење, искуство и аргументи можат да придонесат кон подобрување на законското решение, кое во моментов е во работна верзија“.
Пренџов упати јасен повик и до опозицијата активно да се вклучи во јавната расправа, да ги изнесе своите предлози, забелешки и аргументи. Очекуваме, додаде тој, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН, ЗНАМ и сите политички групи во Собранието да номинираат дополнителни учесници, секој предложен претставник ќе биде поканет и ќе има можност да даде свој придонес.
„Различните ставови не треба да бидат пречка, туку можност да дојдеме до поквалитетно законско решение. Овој закон е дел од реформската агенда на Република Македонија и од Планот за раст, договорен со Европската Унија.
Досега имаме повлечено повеќе од 150 милиони евра, а нашата цел е да продолжиме со спроведувањето на реформите. Три пати по ред сме држава која спроведува најмногу реформи и три пати по ред повлекува најмногу средства од Европската Унија, иако сме една од најмалите држави во Западен Балкан.
Овие средства се од исклучително значење за државата, за развојните проекти и за подобрување на институционалните капацитети“.