На улиците на Љубљана започна тестирањето на ново возило кое градските власти го нарекуваат батериски трамвај. Возилото, кое се движи без шини, во понеделникот го имаше првото пробно возење со полициска придружба, пренесува Н1 Словенија.
Иако се нарекува трамвај, всушност станува збор за систем за брз автобуски превоз. Возилото е произведено од кинеската компанија CRRC, а Љубљана е првиот град во Европската Унија што го тестира овој модел.
Новиот трамвај има капацитет од околу 250 патници, а во иднина би можел да овозможи и делумно автономно управување.
Тестирањето ќе трае еден месец, засега без патници, а се очекува граѓаните да добијат можност да се возат во него во следните неколку недели.
Цената на едно вакво возило изнесува нешто повеќе од два милиони евра, односно околу два и пол пати повеќе од електричен автобус.
Пред воведувањето во редовен сообраќај ќе бидат потребни законски усогласувања, бидејќи сегашните прописи ја ограничуваат должината на автобусите на 18 метри. Според проценките, ваквите возила би можеле да станат дел од јавниот превоз во Љубљана за околу три години.