Германија ќе издвои 300 милиони долари за фондот на НАТО за приоритетните потреби на Украина (PURL), преку кој се финансира набавка на американско оружје, соопшти денеска во Брисел германскиот министер за одбрана Борис Писториус, пренесува „Киев индипендент“.
Одлуката доаѓа во момент кога Украина се соочува со сериозен недостиг од ракети за противвоздушниот систем „Патриот“, кој е клучен за одбрана од руските балистички ракети.
„Поддршката за Украина не е хуманитарна акција. Станува збор за безбедноста на Европа, за запирање на Владимир Путин и за тоа да му покажеме каде му е местото“, изјави Писториус.
Германскиот министер нагласи дека ова е петти пакет во кој учествува Берлин, а главниот фокус е на противвоздушната одбрана, особено на ракетите „Патриот“ PAC-2 и PAC-3.
Германија ќе обезбеди и дополнителни радари, беспилотни летала и муниција за борбените авиони Ф-16, кои Украина ги користи за пресретнување руски дронови.
Писториус предложи и производство на американски одбранбени системи и муниција по лиценца во Европа, доколку Вашингтон даде согласност. За ова прашање се очекува да разговара со американскиот претставник Елбриџ Колби на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, позната како форматот Рамштајн.