Театарот од Куманово со претставата „Чичко Кумплунг“ гостува во Драмски


cicko-kumplung-sl.3-1536x1025-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со претставата „Чичко Кумплунг“ на Театарот од Куманово се заокружува серијата гостувања на националните театри во чест на одбележувањето на 80-годишнината на Драмски театар. Претставата ќе се игра утре на 18 ноември со почеток во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.


Под мотото „Еден е Драмски!“ годинава беа организирани гостувања на професионалните театри од националните установи во Македонија. Манифестацијата беше замислена како културна платформа на гостувања и средби што ја афирмираа продукцијата на македонските театри. Пред публиката во Драмски во годината на големиот јубилеј настапија ансамблите на националните театари од Битола, Охрид, Велес, Струмица, Турскиот театар од Скопје и Театарот за деца и младинци.

„Чичко Кумплунг“ на кумановскиот театар ја режираше Јани Бојаџи. Претставата е работена по текст на Сашко Насев. „Чичко Кумплунг“ е култен лик од македонскиот филм „Самоуништување“ на Ербил Алтанај од 1996 година. Црна комедија и сатира за општеството во транзицискиот период во Македонија во 90-тите години. Чичко Кумплунг е ексцентричен, темпераментен и саркастичен лик кој преку хумор, пцовки и „народска филозофија“ ги коментира политиката, секојдневието и апсурдите на времето. Токму поради автентичниот говор и комичните сцени, ликот со години e дел од поп-културата и често се цитира.

Пред премиерата во мај годинава, режисерот Јани Бојаџи рече дека сме затворени во круг од кој 30 години не можеме да излеземе и појасни: „Станува збор за исти карактери, исто време и место на дејствие, исти социјални и политички односи меѓу зет и шура кои се кодошат, исто семејно насилство, исти немоќни мажи кои својот револт, наместо да го покажат таму каде што треба, во општеството и кон политиката, бесот најчесто го истураат дома, врз семејството. Најчесто, поради неспособноста на оваа генерација мажи во овие 30 години да создаде подобра земја и поуспешно општество, сето тоа кулминира со семејно насилство, кое секојдневно е присутно во десетици случаи низ земјата. Ако прашањето е дали нешто се променило од пред 35 години до денес, мојот одговор е, не. Не се променило ништо во тој контекст за кој ние зборуваме, но не можеме да ги игнорираме реалните промени во кои сме напредувале, во многу и сме стагнирале, а во некои сме назадувале“, рече Бојаџи.

Во претставата играат: Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска-Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички и Жарко Јовановиќ.

Драматург на претставата е Зоран Зафировски, сценограф Лазе Трипков, костимографка е Ирена Боневска-Чаловска. Музиката во претставата е на Јани Бојаџи и музичкиот соработник Слаѓан Станишковски. Дизајнер на плакатот е Лазе Трипков. Инспициент е Лила Зафировска и суфлер Виктор Величковски.

Драмски театар и ансамблот на Театарот од Куманово ја покануваат публиката да ја гледа претставата „Чичко Кумплунг“ и да ги поддржат уметниците во обврската да бидат критични прво кон самите себеси, а потоа и кон општеството. „Мисијата на театарот треба да биде рефлексија на реалноста, а колку како луѓе и како нација посериозно и поискрено ќе се соочиме со сопственото огледало, толку полесен ќе биде патот кон промените“, велат од Драмски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK