(Фото) ЕУ пресретна руски танкер во Средоземното Море, пловел под лажно знаме за да ги избегне санкциите


screenshot-2026-11-15-200440.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поморските сили на Европската Унија во петокот пресретнале танкер во Средоземното Море за кој постои сомневање дека е дел од руската „флота во сенка“, со која Москва ги заобиколува западните санкции и продолжува да извезува нафта. Проверка на бродот потврдила дека пловел под лажно знаме, соопшти денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.


Припадници на поморската мисија ИРИНИ се качиле на танкерот на 13 ноември, повикувајќи се на овластувањата од меѓународното поморско право. Станува збор за бродот „МВ Мидаг“, а проверката утврдила дека користел лажно знаме.

Калас на платформата Икс најави дека ЕУ ќе продолжи да ги попречува операциите на руската „флота во сенка“, како на море, така и преку дипломатски мерки.

Таа најави и нови санкции против Русија, за кои министрите за надворешни работи на земјите членки треба да одлучуваат во понеделник. На удар ќе бидат банки, купувачи на руска нафта и компании што финансиски и логистички ја поддржуваат мрежата на танкери.

Руската „флота во сенка“ под сè поголем притисок

Таканаречената „флота во сенка“ ја сочинуваат постари танкери со нејасна сопственичка структура, кои често пловат без соодветно осигурување и користат лажни или таканаречени погодни знамиња.

Москва ги користи овие бродови за да ги заобиколи западните санкции воведени по инвазијата врз Украина и да продолжи со извозот на нафта. Преку сложени корпоративни мрежи и прикривање на потеклото на товарот, танкерите се обидуваат да ги избегнат ограничувањата за транспорт и осигурување.

Европските земји сè повеќе предупредуваат и на безбедносните ризици што ги носат овие бродови, поради што ги засилуваат напорите за разбивање на мрежата што ѝ обезбедува приходи на Русија за финансирање на војната во Украина. Москва досега ги осудуваше ваквите потези, оценувајќи ги како непријателски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK