Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешаната Надзорна расправа за „Причините за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори што му кажал на гувернерот Трајко Славески кога му нареди да дозволи влез на Алта банка во Македонија.
Филипче посочи дека Мицкоски не може да се дистанцира од одговорноста за случајот со Алта банка, ниту да тврди дека не знаел за кого станува збор, бидејќи уште една година наназад јавно се зборува за банката и нејзиниот сопственик Давор Мацура.
„Премиере, дозволете да кажам дека имате директна и најголема политичка одговорност за ова што се случи кај нас со Алта банка. Прво за влезот на банката кај нас, понатаму за расплетот кој што следеше после изборите во Србија, притворот на газдата Давор Мацура и блокадата на средствата на парите коишто нашите граѓани ги имаат во сега Алта банка Македонија“, рече Филипче.
Филипче во своето прашање укажа дека станува збор за банка и сопственик за кои постојат сериозни информации и предупредувања, а Мицкоски не може да се изземе од одговорноста со евентуално оправдување дека не бил запознаен со нивното минато и работење.
„Година дена зборуваме за тоа која е Алта банка. Зборуваме за тоа кој е Давор Мацура. Не може вие да не знаете кој е Алта банка и кој е Давор Мацура. Ако вие не знаете или немате информации, не треба и не можете да ја извршувате функцијата којашто ја извршувате. Алта банка е личната банка на Александар Вучиќ“, рече Филипче.
Филипче посочи дека зад Алта банка стои Давор Мацура, човек кој, од менувачница изгради мултимилионска банка, казнувана во Европа и се соочена со ограничувања во други земји.
„Давор Мацура е личниот банкар на Александар Вучиќ, човекот кој што почнал од менувачница и направил мултимилионска банка којашто функционира во регионот, казнувана во Европа. Човекот има забрана за влез во Црна Гора. Црногорските власти, гувернерката забрани да дојде таа банка таму. Казнета во Австрија со сума над сто илјади евра поради прикривање на одредени информации“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди и на сериозните сомнежи поврзани со потеклото на капиталот на Алта банка, посочувајќи дека власта дозволи таква банка да влезе на македонскиот пазар и да купи домашна банка, и покрај информациите што беа објавувани за неа.
„Банка којашто капиталот го стекнува од криминално стекнати пари, корумпирани процеси, шверц со дрога, од руски пари, како што кажуваат медиумите во Србија. Вие дозволивте тука да влезе банка на забранети пари секаде во Европа и светот после почетокот на војната во Украина. Рускиот капитал е секаде забранет. Вие дозволивте Алта банка со такви пари тука да купи наша банка“, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека одговорноста не завршува со дозволата за влез на банката, туку се отвораат и прашања за притисоци врз јавните претпријатија да продаваат акции на банката. Тој потсети и на изјавата на гувернерот Трајко Славески, која дополнително ја отвора дилемата за улогата на премиерот во целата постапка.
„Огромна е вашата политичка одговорност. Гувернерот Трајко Славески беше тој кој што тоа го кажа. Понатаму сте влијаеле преку притисок на јавните претпријатија да продаваат акции на банката. Моето прашањето е што точно му кажавте на гувернерот, кога очигледно сте му дале наредба или ама кога ве прашал што да прави со Алта банка и влезот на таа банка кај нас?“, рече Филипче.