Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби. Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за преговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од страна на Русија да се стави крај на војната, пренесува „Ројтерс“.
„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, изјави претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.
Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна размена на територии. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.
Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.
Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Засега, неговите изјави не сугерираат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања. Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносниот аранжман по завршувањето на војната. Дури потоа би се отворил простор за конечен договор околу територијата.
Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки. Ваквиот модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуален мировен договор, но засега не е познато како тоа би функционирало, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Претставникот на САД нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања.
Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.
Во Вашингтон владее умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на големите човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.