МЗШВ: Европската комисија ги издвојува реформските чекори во органското производство, фитосанитарната политика и рибарството


slika.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Европската комисија(ЕК) во Извештајот за Северна Македонија за 2026 година ги издвојува донесувањето на новиот Закон за органско производство, Националниот план за одржлива употреба на пестициди и Националниот план за управување со јагулата како конкретни чекори што придонесуваат кон напредокот во соодветните области, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


Во делот за земјоделство и рурален развој, ЕК го нотира продолжувањето на усогласувањето на земјоделската политика со законодавството на Европската Унија и ажурирањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021–2027 во февруари годинава. Новиот Закон за органско производство, кој стапи во сила во март 2026 година, е посебно издвоен како придонес кон напредокот во ова поглавје.

Северна Македонија има добро ниво на подготвеност во областите на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, оценува ЕК. Комисијата се осврнува и на започнатите активности за интегрирана заштита од штетници во два пилот-региона, натамошниот развој на фитосанитарниот информациски систем и редовното ажурирање на листата на штетни организми согласно правилата на ЕУ и состојбата во земјата.

ЕК наведува и дека Агенцијата за храна и ветеринарство спроведувала редовни ревизии на лабораториите во ветеринарството и безбедноста на храната, а во повеќето области работела согласно стандардите за управување со квалитет. Комисијата ја одобри националната програма за мониторинг за 2026 година на остатоци од ветеринарни лекови и контаминанти, која опфаќа повеќе категории производи, меѓу кои месо, млеко, јајца и мед. Воедно, во извештајот е констатирана напредна усогласеност на националното законодавство со правилата на ЕУ во областа на благосостојбата на животните.

Во рибарството и аквакултурата, ЕК бележи напредок, посебно преку усвоениот Национален план за управување со јагулата, кој утврдува мерки за нејзино зачувување и намалување на смртноста предизвикана од човечките активности. Нотирани се и продолжувањето на мерките за заштита на чувствителните видови риби, активностите за порибување со охридска пастрмка и зголемените активности за спроведување на прописите во областа на инспекцискиот надзор и контролата.

Во однос на руралниот развој, извештајот посочува на продолжувањето на спроведувањето на ИПАРД III, како и мерките преземени од националните институции, вклучително спроведувањето акциски план за подобрување на реализацијата на програмата.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK