Скандал околу наследството на Брижит Бардо: Објавено нејзино приватно писмо, партнерот иселен од вилата


bb-saint-tropez-france-jan-2026-depositphotos_875286924_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Спорот околу наследството на починатата француска актерка Брижит Бардо дополнително се заостри откако во јавноста се појави нејзино приватно писмо, во кое таа остро го критикува својот долгогодишен партнер Бернар де Кјара, со кого поминала повеќе од 30 години, пренесува Би-би-си.


Во рачно напишаното писмо од ноември 2022 година, Бардо го обвинува партнерот дека „трпеливо ја уништува од ден на ден“ и дека не ѝ ја дава потребната љубов и поддршка.

„Денес стигнав до крајната граница на моето страдање. Толку многу ми треба рамо на кое можам да се потпрам, поддршка, нежност и присуство – нешто што ти не си способен да ми го дадеш“, напишала актерката.

Објавувањето на писмото дополнително го усложни спорот меѓу Де Кјара и Фондацијата „Брижит Бардо“, која се занимава со заштита на животните.

Осумдесет и петгодишниот Де Кјара неодамна морал да ја напушти вилата „Ла Мадраг“ во Сен Тропе, каде што со актерката живеел од почетокот на деведесеттите години.

По смртта на Бардо во декември 2025 година, нејзиниот имот бил поделен меѓу Фондацијата и единствениот син Никола Шарје, додека Де Кјара не бил споменат во тестаментот. Актерката изрично навела и дека вилата мора да биде испразнета во рок од шест месеци по нејзината смрт.

Де Кјара ја обвини Фондацијата дека пребрзо го распродава имотот на актерката. На аукција одржана во септември биле продадени нејзини лични предмети за речиси еден милион евра.

Од Фондацијата, пак, тврдат дека тој нема законско право на наследството, освен на удел во стан во Париз. Го обвинуваат и дека од вилата однел одредени предмети, меѓу кои и автомобил, но не го обвинуваат за кражба.

„Од човечка страна може да се разбере зошто не сака да ја напушти вилата. Но, тоа е законот и тоа е она што го сакаше Брижит Бардо“, изјави претседателот на Фондацијата, Макс Газани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK