Ирански генерал: Американско-израелските ресурси ни се на дофат


depositphotos_14847993_xl.webp.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили и командант на Централниот штаб на Хатам ал-Анбија, генерал-мајор Али Абдулахи, денес изјави дека материјалните и нематеријалните ресурси на американско-израелскиот непријател се „на дофат“ на иранските сили и дека Иран ќе одговори на секоја закана без географски ограничувања.


Во порака по повод 13 ноември, Националниот ден на борбата против глобалната ароганција, Абдулахи оцени дека Иран, по „Третата наметната војна“, се појавил како четврти растечки пол на моќ во светот и дека контролата врз Ормускиот теснец е важен фактор во промената на глобалниот поредок, објави „Ириб“.

Тој рече дека Иран не сака војна, но дека неговата воена доктрина се префрлила од одбрана во „офанзивна иницијатива“ и од управување со кризи во градење ред.
Абдулахи ги истакна петте принципи на планот на Иран за одржлива безбедност: завршување на војната на сите фронтови, особено во Либан и Газа, целосно укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите ирански средства, исплата на репарации за наметнатите војни, признавање на иранскиот суверенитет над Ормускиот теснец и воспоставување безбедносни аранжмани во Западна Азија кои не зависат од странски сили.

Според него, овие принципи не претставуваат мировен план од позиција на слабост, туку доктрина за градење ред заснован на сила и отпор.

Зборувајќи за воената подготвеност, Абдулахи истакна дека иранските вооружени сили, со поддршка на населението, ја одржуваат борбената подготвеност на ниво на „максимално одвраќање“.

Тој изјави дека ја ажурирале базата на цели и дека се подготвени директно и ефикасно да одговорат на секое ниво и вид закана, без географски ограничувања.

Во пораката, тој ги повтори обвинувањата против САД, наведувајќи дека американското непријателство кон Иран трае со децении и вклучува поддршка за Ирак за време на осумгодишната војна, санкции, атентати на ирански научници и учество во конфликти со Израел, пренесува Танјуг.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK