Американскиот претседател, Доналд Трамп, на вчерашниот предизборен собир на републиканците во Дубјук, во американската сојузна држава Ајова, отворено зборуваше за американските разузнавачки активности против Кина и Русија. Тој изјави дека САД ги шпионираат двете земји и тврдеше дека американските разузнавачки служби ја вршат таа работа подобро од кинеските и руските.
„Некој ми рече: ‘Господине, Кина нè шпионира’. Му одговорив: ‘Да, па и ние ги шпионираме нив. Не грижете се поради тоа’“, рече Трамп.
„Потоа ми рекоа: ‘Тоа е страшно, господине. Кина и Русија нè шпионираат’. Им реков: ‘Тоа е вистина. И ние ги шпионираме нив, но тоа го правиме уште подобро. Затоа не грижете се. Не грижете се’“, продолжи американскиот претседател.
Трамп почна да зборува за шпионирањето додека ги опишуваше американските воени операции против Иран и тешкотиите во пронаоѓањето ирански претставници со кои Вашингтон би можел да преговара.
„Немаат морнарица. Имаа 159 бродови. Имаа 268 авиони. Нивните авиони се расфрлани по пистите низ Иран, распарчени. Немаат радари. Немаат противвоздушно вооружување. Немаат лидери“, рече Трамп.
Потоа се пошегува на сметка на американските напади врз иранското раководство.
„Мислам, имаа лидери. Тоа е мојот проблем. Можеби малку претеравме со нивните лидери. Немам со кого да разговарам. Се обидувам да најдам некого со кого би можел да разговарам. Никој не сака да биде претседател“, рече тој.
Трамп ги даде изјавите во неделата, на 1 ноември, на собир во Дубјук, два дена пред американските избори за Конгресот.
Во Ајова тој им даде поддршка на републиканските кандидати и ги повика гласачите да излезат на изборите за републиканците да ја задржат контролата врз Конгресот.
Американскиот претседател во текот на говорот повеќепати се осврна на војната со Иран, тврдејќи дека американските сили уништиле голем дел од иранските воени капацитети.
Тој повтори и дека Вашингтон се обидува да најде соговорници меѓу преостанатото иранско раководство за да ги продолжи преговорите.