Три колони граѓани утрово тргнаа низ улиците на Нови Сад кон железничката станица, каде што во 11:52 часот ќе се одржи комеморативен собир по повод две години од уривањето на настрешницата, во кое загинаа 16 лица.
Колоните тргнаа од три локации – Медицинскиот факултет, Лиманскиот парк и Варадинскиот мост. Предвидено е да се спојат, а потоа заеднички да продолжат по Булеварот на ослободувањето кон железничката станица.
На чело на колоната од Медицинскиот факултет граѓаните носат венци со имињата на загинатите, како и големо црно платно со натпис „11.52“ и бели гулаби.
На повик на студентите, во поворките нема политички обележја, транспаренти ниту бучава, бидејќи собирот е посветен на сеќавањето на загинатите.
Покрај трите колони, се очекува да пристигнат и група моторциклисти од Белград, како и пешачка колона од Темерин.
Во 11:52 часот е планирано 16-минутно молчење во чест на загинатите, по што ќе следува кратка комеморативна програма.
Настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември 2024 година. Во несреќата на самото место загинаа 14 лица, а уште две подоцна им подлегнаа на повредите.