Манчевски го освои Токио со „Сестра, брат и шахта“


milcho.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ имаше светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, а интересот на публиката беше голем. По проекцијата, обожаватели чекаа цел час за да добијат автограм и да се фотографираат со режисерот и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ.


„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави Манчевски по премиерата.

По проекцијата, режисерот и актерите учествуваа и во разговор со публиката, јапонските и меѓународните медиуми. Разговорот го водеше уметничкиот директор на фестивалот, Шозо Ичијама, кој се осврна на уметничките квалитети на филмот и на општествените теми што ги отвора приказната. Гледачите поставувале конкретни прашања за режисерскиот пристап, актерската игра и пораките на филмот, споделувајќи ги и своите емотивни реакции.

„Бев одушевена да видам ваква ентузијастичка реакција од гледачите“, изјави Кјоко Хирано, која присуствувала на премиерата.

Интересот продолжил и по разговорот. Пред салата се формирала долга редица обожаватели кои чекале автограми и фотографии со македонската филмска екипа. Некои од нив донеле и плакати од претходните филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“, како и ДВД-изданија за да добијат потпис.

За главниот актер Филип Трајковиќ, Токио е местото од кое ликот на Виктор го започнува своето патување низ светот.

„Пресреќен сум што ликот на Виктор првпат си го покажа лицето токму во Токио и тукашната публика прва се запозна со него. Се надевам дека ќе продолжи да патува и ќе стане граѓанин на светот. Виктор го заслужува тоа“, изјави Трајковиќ.

Сара Климоска, која меѓународните медиуми ја посочиле како ѕвезда на филмот, рече дека Манчевски повторно успеал да ја расплаче.

„Малина ми е многу, многу блиска. Преку неа истражив многу човечки искуства, емоции и противречности. Ме збогати. Благодарна сум што бев дел од оваа приказна“, изјави Климоска.

На премиерата присуствувал и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој отпатувал во Токио за да ја поддржи македонската филмска екипа. Тој оцени дека светската премиера е значајна за меѓународната видливост на македонската кинематографија.

„Светската премиера на Манчевски во Токио е уште една потврда дека во современа Македонија филмот е нашиот најгласен, најсилен и најуспешен културен промотор. Преку нашите филмови, приказните, јазикот и авторскиот глас стигнуваат до публиката ширум светот“, изјави Мицевски, најавувајќи дека Агенцијата иницира промени за зголемување на филмскиот буџет и подобрување на условите за работа на филмските работници.

Манчевски и дел од екипата присуствувале и на свеченото отворање на фестивалот, каде што продефилирале на црвениот килим. И покрај есенскиот дожд, стотици обожаватели и претставници на светските медиуми ги пречекале филмските ѕвезди во токискиот кварт Хибија.

На премиерата присуствувале и продуцентот Јане Ќортошев, како и копродуцентите од Бугарија, Италија и Велика Британија – Галина Тонева, Лудовико Кантисани и Ју-Фаи Суен.

За филмот пишувал и „Холивуд репортер“, кој го забележал необичниот начин на кој Манчевски се заштитил од дождот, позирајќи со шахта, реквизит од филмот.

„Шахтите што ги крадат нашите херои во филмот ја кријат нечистотијата на општеството и го одвојуваат финиот свет од подземјето. Братот и сестрата во оваа приказна опстојуваат токму меѓу тие две сфери на општеството“, објаснил Манчевски за значењето на овој предмет.

„Сестра, брат и шахта“ е деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски. Станува збор за комедија за оние што имаат и оние што немаат, која комбинира сатира и суптилна приказна за брат и сестра што живеат на маргините на општеството. Иако дејството се случува во денешна Македонија, филмот отвора универзални теми за животот и поврзаноста на луѓето во современиот свет.

Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, а во актерската екипа се и Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски и други.

По премиерата, на 2 и 3 ноември се закажани дополнителни проекции на филмот во рамките на фестивалот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK