ЕУ и Канада ја прошируваат соработката за развој на вештачка интелигенција


ursula-fon-der-lajen-foto-vlada.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Канада се приклучува на европската мрежа на суперкомпјутери во рамки на соработката со Европската Унија за зајакнување на компјутерските капацитети неопходни за развој на вештачката интелигенција, објави „Политико“.


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди дека Канада станува дел од мрежата, со што канадските компании, стартапи и истражувачи ќе добијат пристап до европските суперкомпјутери.

„Во комбинација со напредната канадска индустрија за вештачка интелигенција, ова ќе ни овозможи да развиваме висококонкурентни, иновативни и безбедни системи за вештачка интелигенција“, изјави фон дер Лајен.

Со европската мрежа управува заедничкото претпријатие „ЕуроХПЦ“, јавно-приватно партнерство на ЕУ со буџет од 8,2 милијарди евра. Мрежата опфаќа 14 суперкомпјутери, од кои некои се меѓу десетте најмоќни во светот, 19 специјализирани центри за развој на вештачка интелигенција и 10 квантни компјутери.

Планирана е и изградба на седум големи центри за податоци за вештачка интелигенција, таканаречени гигафабрики, со вкупна инвестиција од 30 милијарди евра. Нивната изградба треба да започне следната година.

Експертите ја поздравуваат соработката, но предупредуваат дека таа засега нема значително да ја намали технолошката зависност од САД.

Антон Лајхт од Фондацијата „Карнеги“ за меѓународен мир оценува дека поврзувањето на европските и канадските компјутерски капацитети е важен прв чекор, но дека за вистинска независност ќе бидат потребни многу поголеми инвестиции во инфраструктурата.

Приклучувањето на Канада претставува продолжување на досегашната соработка со ЕУ преку истражувачката програма „Хоризонт Европа“. Во европската мрежа на суперкомпјутери досега учествувале 38 земји, вклучително и држави надвор од Унијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK