Обвинителството во Србија реагира по сомнежите за уништување службени документи во државните институции


srbija-zname-logo.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ѝ наложи на полицијата итно да преземе мерки за спречување уништување службена документација во државните институции, банките, Безбедносно-информативната агенција (БИА), Военоразузнавачката агенција (ВОА) и други установи важни за економската, финансиската и правната сигурност на Србија, пренесува „Нова.рс“.


Обвинителството реагирало по информациите што се појавија во јавноста за наводно уништување службени документи. Врз основа на задолжителното упатство на Врховното јавно обвинителство од 29 октомври, на полицијата ѝ е наложено итно да постапи и за секој сомнеж за кривично дело да ги извести надлежните обвинителства.

Реакцијата следува откако српскиот адвокат Иван Ниниќ вчера на социјалната мрежа Икс објави фотографии од црни вреќи полни со хартија, за кои тврди дека потекнуваат од седиштето на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување.

„Ова се фотографии од вчера од дирекцијата, седиштето на Фондот ПИО. Машината за уништување документи работи без престан, нешто само се кине, а нешто максимално се ситни и се изнесува во контејнери“, напиша Ниниќ.

Тој предупреди дека уништувањето службена документација може да претставува кривично дело и го посочи директорот на Фондот, Реља Огњеновиќ, кој е член на Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС).

Асоцијацијата на слободни и независни синдикати побара итно разрешување на Огњеновиќ, обвинувајќи го за злоупотреба на државните ресурси и притисоци врз вработените.

Ниниќ претходно објави и дека, според информации од негов извор, една банка во Србија наводно почнала да префрла пари во странство. Тој наведе дека побарал итен надзор од Народната банка на Србија поради можни ризици за депозитите на јавниот сектор.

Засега нема независна потврда за содржината на вреќите, ниту дека документацијата била уништувана спротивно на законот. Исто така, не се потврдени тврдењата за префрлање пари во странство.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK