Честопати наидувам на написи од областа на енергетиката кои се преземени целосно или делумно од медиуми од странски земји и се даваат совети за примена кај нас според тие информации. Знаеме дека има новинари кои известуваат / пишуваат на разни теми; некои се специјализирани за надворешна и/или внатрешна политика, за безбедност, за економија (општо), за здравство итн. Но, јас не познавам ниту еден новинар во Република Македонија (РМ) кој што е добро упатен да пишува за енергетика иако тоа е важна област од многу аспекти.
Така, сретнав еден напис на тема греење кој што користи информација објавена во странски медиум. Во него се анализираат можностите како да се реши греењето во индивидуалните куќи кои што се веќе изградени, а некои од нив се постари. Темата е многу актуелна и кај нас и во многу други земји. Се спомнуваат заклучоци од некој германски истражувачки институт, а кога се работи за техника, кај нас владее убедување дека Германија е земја број еден за техника.
Накратко да го пренесам она што е наведено во написот. Се работи за греење на индивидуални куќи кои што имаат централно греење со котел на нафта, електрична струја и (ретко) на дрва. Се разгледува опција за нивна замена со топлинска пумпа, но тогаш ќе се јави проблем бидејќи таа ја грее водата на пониска температура и постојните радијатори нема да бидат доволни, па евентуално треба да се направи подно греење, а тоа е голем зафат. Некако споредно се спомнува дека старите куќи имаат големи топлински загуби и треба да се работи на подобрување на нивната енергетска ефикасност. Ова е коректно, но како задача треба да се стави на прво место без оглед на тоа каков систем на греење ќе се одбере.
Понатаму во написот се поставува прашањето дали сопствениците на постари куќи во РМ ќе ги намалат сметките за електрична струја со инсталирање на топлинска пумпа; дали вреди да се вложат неколку илјади евра? На ова веднаш да одговорам дека сметката за потрошена електрична енергија кај системите со топлинска пумпа ќе бидат помали. Ако се замени електричен котел со топлинска пумпа, ќе се плаќа околу четири пати помалку секој месец, а слично ќе биде и со замена на котел на нафта или гас, но колку пати ќе биде поефтино зависи од нивната цена која често се менува. Во врска со тврдењето дека, во случај на замена на котел со топлинска пумпа, таа ќе ја загрева водата на пониска температура која ќе биде недоволна за радијаторите, јас тврдам дека тоа било така пред околу 20 години. Денес топлинските пумпи ја загреваат водата до 65 оС, а се појавија на пазарот понови комерцијални модели кои постигнуваат 85 оС. Што значи, не треба ниту додатни радијатори ниту подно греење.
Сега да ја кажам мојата главна забелешка. Климатските услови во Германија и Македонија се разликуваат; таму има постудена континентална клима, а кај нас умереноконтинентална-медитеранска. Според тоа, заклучоците во написот би биле погрешни ако се применат во РМ. Во Германија нема (или има многу ретко) системи за ладење на просториите и затоа не е ништо спомнато на таа тема. Заради високите температури, кои последниве години се екстремно високи, во РМ треба да се инсталира и систем за ладење. Со инсталирање на топлинска пумпа се постигнува двојна цел бидејќи таа може да служи и за греење и за ладење.
Но, ако во еден постоечки систем за централно греење котелот се замени со топлинска пумпа која треба да служи и за греење и за ладење, тогаш наместо радијатори треба да се стават вентилаторски конвектори (“фенкојлери“), а на цевките треба да се стави топлинска изолација, инаку би се појавило росење (воден кондензат) на нивната површина.
Моја препорака до корисниците на системите за греење и ладење е да не се базираат на разни “непроверени“ написи или на неупатени лица пред да преземат некои зафати за замена или инсталирање на нови системи. Треба да се обратат на стручно лице од оваа област. Првин треба да се согледа состојбата на зградата (куќата) и да се преземат мерки за подобрување на енергетската ефикасност со ставање топлинска изолација на сите оградувачки површини и вградување на нови прозорци од понова генерација.
Во конкретниот случај при реконструкција на стар систем за централно греење наједноставно и најефтино решение е само да се замени котелот со топлинска пумпа, а сè друго да остане исто, вклучувајќи ги и радијаторите. Но, корисникот (во Македонија) треба да му мисли што ќе прави кога ќе дојдат летните горештини и веројатно ќе помисли на инсталирање на клима уред(и) на фасадата, но тоа не е рационално решение бидејќи топлинската пумпа може да работи и во режим на ладење.
Денес има разни типови на топлински пумпи со кои може да се изведат разни технички решенија за греење и ладење. Најголемиот број граѓани не се добро информирани и се одлучуваат за обичен клима уред “сплит“ систем. Но за конкретниов случај за куќи многу погодно решение е централно греење и ладење со топлинска пумпа воздух-вода која може да биде во моноблок (компактна) изведба сместена надвор или “сплит“ (раздвоена) изведба при што еден дел е надвор, а друг внатре во некоја помошна просторија. Топлата (или ладната) вода се транспортира низ цевна мрежа како и кај конвенционално централно греење, но цевките треба да бидат обвиткани со топлинска изолација. Овој систем има дополнителен бенефит бидејќи со него може да се подготвува санитарна топла вода (за купатила и кујни) со што ќе се троши околу четири пати помалку електрична енергија во споредба со класичен електричен бојлер.
Пожелно е корисниците да се јават кај специјализирана фирма која има стручни лица (за да предложат решение), имаат опрема и персонал за монтажа и сервисирање.
При инсталирање на топлински пумпи се подобрува енергетската ефикасност на објектите. Затоа, државата и општините даваат субвенции кои се реализираат преку неколку банки од каде што граѓаните може да добијат подетални информации.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје
29.10.2026