Инсајдер ИД – 10 години истражувања: Како се променија навиките за пазарење во Македонија?


insajder_MARKET_PICTURE_1.00
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Автори: Сергеј Зафироски и Борислава Мирчевска – Инсајдер ИД

Инсајдер ИД го објавува 10-тото последователно истражување „Преферирани ланци на маркети според потрошувачите“, со историски податоци од 2017 до 2026 година кои откриваат значителни промени во малопродажбата, раст на тврдите дисконти и сè поголема конкуренција за лојалноста на потрошувачите.


Како пазареле потрошувачите пред 10 години, а како пазаруваат денес? Кои малопродажни ланци успеаја да привлечат најмногу нови потрошувачи, кои ја задржаа својата позиција и колку се промени лојалноста кон маркетите? Десетгодишната база на податоци овозможува анализа која оди подалеку од моменталното рангирање. Таа покажува како малопродажните ланци ја граделе својата позиција, колку успешно привлекувале нови потрошувачи и како се менувал односот помеѓу достапноста, цената, квалитетот и лојалноста.

Деценија на раст на тврдите дисконти

Една од најзначајните промени во македонската малопродажба во изминатата деценија е континуираниот раст на тврдите дисконти. Историските податоци на Инсајдер ИД покажуваат дека повеќе дисконтни ланци успеале паралелно да изградат големи потрошувачки бази, и покрај тоа што се директни конкуренти на пазарот. Овој тренд е тесно поврзан со промената на потрошувачките навики, бидејќи денес еден потрошувач во просек пазари во поголем број маркети отколку пред 10 години.

Оттука, растот на еден малопродажен ланец не мора да биде на сметка на друг, туку може да произлегува од сè поголемата подготвеност на потрошувачите да комбинираат различни маркети при задоволувањето на своите секојдневни потреби или пренасочување од еден во друг трговски канал. Токму ова е една од клучните карактеристики на современото пазарење, односно потрошувачите не се ограничуваат на еден малопродажен ланец, туку комбинираат повеќе маркети според своите потреби.

КАМ Маркет, покажува исклучителен континуитет. Во сите 10 последователни истражувања останува на првата позиција според бројот на потрошувачи кои пазарат во ланецот, без промена на лидерската позиција. Во 2026 година учеството изнесува 76%, споредбено со 68% во 2017 година. Всушност тоа е што е забележливо, е КАМ Маркет бележи континуирано учество од над 60% во период од една декада, која е обележана со големи промени во другите позиции, но и значително економски случувања. Во 2017 година, во Стокомак пазареле 24% од потрошувачите, додека во 2026 година нивното учество достигнува 63%. Во истиот период, Киппер бележи уште поизразена промена, од 5% на 43%. Овие движења покажуваат колку значително се проширила потрошувачката база на двата трговски ланци.

Повеќе маркети за пазарење, но помала лојалност?

Растот на бројот на потрошувачи кои посетуваат определен маркет не значи автоматски и зголемување на нивната лојалност. Податоците од истражувањата укажуваат на тоа дека потрошувачите постепено го зголемувале бројот на маркети во кои пазарат. Во 2023 година просечниот потрошувач пазарел во 3,10 маркети, во 2024 во 3,27, а во 2026 година во 3,78 маркети. Растот од 0.68 маркети навидум може да претставува ниска вредност, но генерално укажува на тоа дека значителен дел потрошувачите го зголемиле пазарењето за дополнително уште еден маркет во последните 4 години. Оваа промена е особено важна за разбирање на конкуренцијата. Потрошувачот може да биде редовен купувач во неколку ланци, но само еден од нив да го смета за свој примарен избор.

Напомена: прашањето е со повеќекратен избор. Вкупниот збир на договорите надминува 100%.

Според резултатите за 2026 година, КАМ Маркет има највисоко ниво на лојалност од 37%, но Веро е непосредно зад него со 36%. Стокомак има 23%, додека Киппер достигнува 27%. Резултатите откриваат интересна разлика помеѓу распространетоста и лојалноста. Иако тврдите дисконти привлекуваат значително поголем број потрошувачи, Веро успева да одржи едно од највисоките нивоа на лојалност на пазарот.

Дополнително, лојалноста не се движи секогаш во иста насока со бројот на потрошувачи. Кај дел од маркетите и покрај зголемување на базата на потрошувачи не се забележува зголемување и на самата лојалност кон тие маркети. Кај Стокомак лојалноста е 23%, исто како и во 2025 година, и покрај поголемата база на потрошувачи споредено со почетокот на деценијата.

Ова покажува дека привлекувањето нови потрошувачи и нивното претворање во лојални купувачи се 2 различни предизвици за малопродажните компании и е потребно да биде главниот фокус на стратегиите на компаниите во иднина.

Што потрошувачите најмногу препознаваат кај маркетите?

Покрај посетеноста и лојалноста, истражувањето анализира и како потрошувачите ги оценуваат маркетите според неколку карактеристики. Во категоријата „Најмодерен маркет“, Веро го зазема првото место со 30% од одговорите. Позицијата е особено интересна во контекст на резултатите за лојалноста, каде Веро исто така е меѓу највисоко рангираните ланци.

КАМ Маркет е прворангиран во другите 2 категории, односно најдобар сооднос помеѓу цената и квалитетот со 36% и најдобра локациска покриеност со 36%.Овие резултати покажуваат дека потрошувачите не ги вреднуваат сите малопродажни концепти според идентични критериуми. Еден ланец може да се издвојува по модерноста, друг по перцепцијата за вредноста што ја нуди, а трет да ја гради својата позиција преку проширување на продажната мрежа. За компаниите, ова е важно бидејќи конкурентноста не се сведува исклучиво на цените. Различните карактеристики на малопродажната понуда имаат различна улога во привлекувањето и задржувањето на потрошувачите.

Што ни откриваат 10 години потрошувачки навики?

Кога резултатите од 2026 година ќе се споредат со првото истражување од 2017 година, станува јасно дека малопродажниот пазар поминал низ значителна трансформација. Стокомак повеќе од двојно го зголемил учеството на потрошувачи кои пазарат во неговите маркети. Киппер од релативно мало присуство се развил во еден од најпосетуваните национални ланци. КАМ Маркет ја задржал првата позиција во текот на целата деценија, додека Веро продолжува да се издвојува со висока лојалност и перцепција за модерност.

Но, веројатно најважната промена не е поврзана со конкретен маркет, туку со самиот потрошувач. Пазарењето сè помалку се одвива во рамките на еден единствен малопродажен ланец. Потрошувачите комбинираат повеќе маркети, ги користат предностите на различните формати и ги приспособуваат своите избори на конкретните потреби.

За малопродажните компании ова значи дека големата посетеност сама по себе не е доволна. Предизвикот е да се создаде препознатлива вредност, да се одржи редовната посета и да се зголеми веројатноста маркетот да остане примарен избор на потрошувачот.

По 10 години истражувања, Insider ID располага со историска основа која овозможува да се разграничат краткорочните промени од долгорочните трендови во однесувањето на потрошувачите. Токму ваквата перспектива е особено значајна за разбирањето на малопродажниот пазар, на кој растот, конкуренцијата и лојалноста не секогаш се движат во иста насока.

За истражувањето

Во целосниот извештај „Преферирани ланци на маркети според потрошувачите 2026“,детално се анализира потрошувачкото однесување, вклучувајќи ги навиките за пазарење, преференциите кон малопродажните ланци, степенот на лојалност и факторите што влијаат врз изборот на маркет. Посебна вредност на анализата претставува споредбата со историските податоци од претходните 9 истражувања, што овозможува идентификување на долгорочните трендови, промените во конкурентските позиции и еволуцијата на потрошувачките навики во изминатата деценија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK