Речиси 1.000 лица биле приведени за време на протестите во Франција во саботата, а во повеќе градови биле регистрирани инциденти и судири меѓу демонстрантите и полицијата. Француските власти ангажирале околу 70.000 полицајци и жандарми низ земјата.
Според Министерството за внатрешни работи, на протестите учествувале околу 410.000 луѓе, додека синдикатот ЦГТ проценува дека бројот достигнал 800.000. Во Париз, полицијата регистрирала околу 110.000 демонстранти, а синдикатот проценува дека имало 250.000 учесници.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопштил дека до 19:30 часот биле приведени речиси 1.000 лица и предупредил дека бројката може дополнително да порасне. Тој посочил дека во истиот период за време на протестите на 17 октомври биле приведени 385 лица.
Нуњез оценил дека протестните поворки главно минувале мирно, но дека одредени групи се обиделе да предизвикаат нереди и да извршат кривични дела. Според него, полицијата спречила напади врз јавни објекти и обиди за грабежи, пренесе БФМ ТВ.
Во Марсеј биле ограбени две златарници во петтиот арондисман, соопштиле полициски извори. Во Ница, до 19 часот биле приведени 61 лице. Во стариот дел на градот се разотишла група на крајната десница, додека полицијата продолжила да ги растерува демонстрантите во крајбрежниот дел.
Во Клермон-Феран едно лице се здобило со тешка повреда на раката и итно било згрижено. Во Каен биле приведени 16 лица.
Во Тулон ситуацијата се смирила, но до 20:30 часот биле приведени вкупно 64 лица, од кои 20 биле задржани во притвор. Претходно, околу 150 демонстранти се издвоиле од протестната поворка, палеле контејнери за отпад и им пркоселе на полициските сили, по што повторно се разотишле. Меѓу 55-те приведени до 19:30 часот имало 33 малолетници.
Во Тур избувнал пожар во филијала на банката „Banque Populaire“, со ризик огнот да се прошири кон блиските станбени објекти. Причината за пожарот засега не е позната.
Во департманот Гард протестите поминале без инциденти, иако четири лица биле задржани во притвор. Во Монпелје, пак, на протестот учествувале околу 6.300 луѓе и покрај забраната за одржување на собирот. Приведени биле осум лица, а повредени биле двајца припадници на полициските единици. Според досегашните информации, нема пријави за поголема материјална штета.