Стефан Кирков од Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од Општина Центар да ги разјасни условите под кои се гради објект во скопската населба Буњаковец, посочувајќи на проблеми со паркирањето, зеленилото и движењето на пешаците.
Кирков, кој се обрати од улицата „Костурски херои“, поранешна „29 Ноември“, изјави дека, според информациите со кои располага, за објектот не е предвиден соодветен паркинг-простор, се сечат дрвја, а тротоарот е зафатен со градежни активности.
Тој ги повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, да излезат на терен и да се запознаат со проблемите на жителите.
„Господине Горан Герасимовски, како е можно да се планираат и реализираат вакви проекти без јасни одговори за паркирањето, зеленилото и безбедното движење на пешаците? Кој ги штити интересите на жителите на Буњаковец? Господине Венко Филипче, заедно со вашиот градоначалник дојдете на терен и погледнете со какви проблеми се соочуваат граѓаните. Во кампањите се ветуваа хумано уредени населби, повеќе зеленило и подобри услови за живот, но граѓаните имаат право да прашаат дали тие ветувања се преточени во конкретни резултати“, кажа Кирков.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Општина Центар јавно да соопшти под кои услови се одвива изградбата, дали се почитуваат одобрените планови и како ќе бидат заштитени пешачкиот простор и зеленилото.
„Не е доволно само да се зборува за модерен и уреден Центар. Потребно е да се обезбедат услови во кои граѓаните ќе можат нормално да живеат, да паркираат, безбедно да се движат по тротоарите и да имаат пристап до зелени површини. Затоа бараме Општина Центар јавно да ги разјасни условите под кои се одвива изградбата на оваа локација, дали се почитуваат одобрените планови и како ќе се заштитат пешачкиот простор и зеленилото. Граѓаните на Буњаковец заслужуваат конкретни решенија, а не само предизборни ветувања. Центар треба да се развива во интерес на луѓето што живеат во него!“, истакна Кирков.