Четири милијарди луѓе се соочуваат со недостиг од вода, ЕЕСК алармира: Климатските промени и сушите го загрозуваат глобалниот хидролошки циклус


voda-cesma-depositphotos_13920241_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), советодавно тело на Европската Унија со 329 претставници на работодавачите, синдикатите и граѓанското општество, повика на заштита и обновување на водните ресурси поради забрзаните климатски промени и сè понепредвидливите нарушувања на хидролошкиот циклус.


Комитетот, чија потпретседателка е хрватската синдикалистка Марија Ханжевачки, предупреди дека проблемот дополнително се продлабочува поради неодржливото користење на водата и пренамената на земјиштето.

Во мислењето објавено во Брисел, ЕЕСК наведува дека нарушувањата на хидролошкиот циклус ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со храна и вода, економската стабилност и меѓународната безбедност. Недостигот од вода, исто така, сè повеќе придонесува за миграции и конфликти.

„Сушите, поплавите и нарушените екосистеми ги загрозуваат снабдувањето со храна, пристапот до безбедна вода за пиење, работните места и домовите“, соопшти Комитетот.

Оттаму посочуваат дека водата ги преминува државните граници преку реките, почвата и атмосферата, поради што ниту една земја не може самостојно да ја обезбеди својата водна иднина.

ЕЕСК ги повика Европската комисија и земјите членки на ЕУ да ја зајакнат прекуграничната соработка и заедничкото управување со водните ресурси.

Според документот, околу четири милијарди луѓе секоја година се соочуваат со сериозен недостиг од вода во период од најмалку еден месец. Последиците се особено изразени во Африка, Јужна Азија и Латинска Америка, каде што продолжените суши и губењето на средствата за живот дополнително ја зголемуваат ранливоста на локалните заедници.

Загрозена и „зелената вода“

ЕЕСК предупредува и на опасностите за таканаречената „зелена вода“ – дождовницата складирана во почвата, која преку испарување и транспирација на растенијата се враќа во атмосферата.

Таа сочинува околу 60 проценти од слатката вода на копното, а приближно 80 проценти од светското земјоделско земјиште зависи од неа. Нарушувањата во нејзиниот природен циклус веќе придонесуваат за намалување на приносите и ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со храна.

Комитетот повика ЕУ на Конференцијата на Обединетите нации за води, што ќе се одржи од 8 до 10 декември во Обединетите Арапски Емирати, да поддржи започнување глобална иницијатива за обновување на хидролошкиот циклус.

Исто така, предлага водата да добие поголемо место во климатската, земјоделската, енергетската и надворешната политика на Унијата.

„ЕУ мора да ја искористи својата дипломатска моќ“, изјави Милена Ангелова, известувачка на ЕЕСК за ова прашање.

Комитетот предлага обновувањето на водните системи да се финансира и преку идниот буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година.

Меѓу приоритетите ги наведува обновувањето на мочуриштата, шумите и другите екосистеми што ја задржуваат водата, поефикасното следење на водните ресурси и развојот на системи за рано предупредување.

ЕЕСК смета дека ЕУ треба да ги искористи и дигитализацијата и вештачката интелигенција, притоа земајќи ги предвид и растечките потреби на центрите за податоци за вода.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK