Холандскиот тренер Луис Ван Гал го критикуваше новиот систем на Лигата на шампионите, бидејќи верува дека сега има премногу клубови и премногу натпревари, и затоа повредите на фудбалерите стануваат сè почести.
Прославениот холандски тренер верува дека поголем број голови не мора да значи подобар фудбал.
„Смешен формат. Денес во Лигата на шампионите, Курто и Мурто можат да играат“, изјави Ван Гал за холандските медиуми.
Поранешниот победник на натпреварувањето со Ајакс од сезоната 1994/95, објасни што најмногу го мачи.
„Се вика Лига на шампиони, нели? Тогаш треба да играат најдобрите. Не ако имате толку голема разлика во квалитетот. Тогаш би имало помалку голови, но натпреварите би биле од повисок стандард и би гледале подобар фудбал.“
Ван Гал се залага за појасна поделба на клубовите според квалитетот, а како пример ја наведе организацијата на хокејот на мраз.
„Како во хокејот на мраз. Таму имате ниво А, потоа ниво Б и така натаму. Секако, во фудбалот ги имаме Лигата на Европа и Лигата на конференцијата, но УЕФА само се крие зад нив… Насекаде во светот на фудбалот, натпреварите се организираат според нивото на квалитет. Само на самиот врв не е така“.
Холанѓанецот се осврна и на напаѓачкиот пристап на Барселона и Пари Сен Жермен, издвојувајќи го влијанието на нивните тренери, како и финансиската моќ на францускиот клуб.
„Тренерите беа Ханси Флик и Луис Енрике, кои секогаш играа напаѓачки фудбал. Покрај сето тоа, ПСЖ има неограничена количина пари за да донесе играчи“, рече Ван Гал.