Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, ги обвини САД дека им се закануваат со санкции на земјите што следната недела во Обединетите нации ќе поддржат резолуција со која се бара укинување на американското ембарго против Куба.
„Стејт департментот врши невиден притисок за да ги принуди земјите членки на ОН да го променат начинот на гласање“, изјави Родригез.
Според него, американските претставници се закануваат со одбивање визи и воведување трговски и економски санкции против државите што ќе ја поддржат Куба.
Американското трговско ембарго против Куба е во сила повеќе од 60 години и значително ги ограничува трговијата и деловните односи меѓу двете земји. Кубанските власти тврдат дека санкциите сериозно ѝ штетат на економијата и го отежнуваат снабдувањето со храна, лекови и гориво.
Генералното собрание на ОН од 1992 година речиси секоја година со големо мнозинство усвојува резолуции за укинување на ембаргото, но тие не се правно обврзувачки.
Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, претходно оваа недела ги повика земјите членки да гласаат против резолуцијата. Гласањето е најавено за 27 и 28 октомври.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп од јануари дополнително го засили притисокот врз Куба, вклучувајќи ограничувања на снабдувањето со гориво и санкции против кубански функционери и државни институции.
Иако резолуцијата би можела да има политичка тежина, таа не може да го укине ембаргото, бидејќи за тоа е потребна одлука на американскиот Конгрес.
Текстот Куба обвинува за американски притисоци врз државите пред гласањето за ембаргото е превземен од МАКФАКС.