НЛБ Банка отвори нова експозитура во центарот на Битола, како дел од континуираната трансформација на својата деловна мрежа. Сместена во заштитениот историски објект на Солунската банка од 19-иот век покрај плоштадот Магнолија, новата експозитура е направена со посебна грижа за зачувување на културното наследство, автентичниот карактер и препознатливите архитектонски и декоративни елементи на зградата. Нивното внимателно вклопување во современ банкарски простор овозможи објектот да ја задржи својата историска вредност, а истовремено да добие нова, одржлива функција преку современ модел на банкарско работење.
Експозитурата беше свечено отворена во присуство на претставници на Надзорниот и Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија, Грегор Прескер, претставници на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, клиенти, соработници, партнери и вработени. Свеченото отворање го означи почетокот на ново поглавје во банкарската традиција на овој историски објект.
Експозитурата во Битола, со површина од 312м², претставува дел од стратешката трансформација на деловната мрежа на НЛБ Банка кон современи, пристапни и функционални простори што обезбедуваат повисоко ниво на советување, персонализирана услуга и интегрирано корисничко искуство.
Трансформацијата на деловната мрежа е значаен сегмент од пошироката деловна и дигитална трансформација на НЛБ Банка. Таа опфаќа модернизација на просторите, поголема достапност на стручните тимови и беспрекорно поврзување на физичките и дигиталните канали. Новиот концепт ја надградува улогата на експозитурата, од традиционално место за извршување трансакции, во современ центар за финансиско советување, лична комуникација и градење долгорочни односи со клиентите.
„Оваа експозитура е многу повеќе од уште една точка на мапата на НЛБ Банка. Таа е свечен и видлив симбол на трансформацијата на нашата деловна мрежа што се менува во чекор со времето, но останува верна на она што е најважно – човекот, неговата доверба и неговата приказна. Отворањето на оваа експозитура е важен момент за нашата Банка, но и потврда на нашата долгорочна определба да бидеме уште поблиску до луѓето и бизнисите што секојдневно ја градат иднината на оваа заедница. Македонија е важен дел од регионалната приказна на НЛБ Групацијата. Овој пазар има јасно значење во нашата долгорочна стратегија, а НЛБ Банка има суштинска улога во нејзиното остварување. Со својата стабилност, знаење, доверба и силна позиција, Банката не е само финансиска институција, туку партнер на граѓаните, компаниите и институциите во нивниот развој и во реализацијата на нивните планови. “- потенцираше во своето обраќање пред присутните Претседателката на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Хедвика Усеник.

Посебна вредност на проектот е пристапот кон културното наследство. Објектот е заштитен од надлежната установа за заштита на културното наследство во Битола, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, а неговата адаптација е насочена кон зачувување на автентичните архитектонски и декоративни елементи и нивно внимателно вклопување во современ банкарски простор. Со тоа, НЛБ Банка не само што инвестира во подобро корисничко искуство, туку придонесува и кон зачувување, ревитализација и долгорочна одржливост на еден од најпрепознатливите објекти во градското јадро на Битола. Враќањето на банкарската функција му дава нов живот на објектот, без да се нарушат неговиот историски карактер и значење
„Во времето кога Битола пулсирала со силен стопански и трговски живот, ова место било дел од финансиските текови што го поттикнувале развојот на градот. Денес, банкарството се враќа во овие простории како достоинствено и современо продолжение на нивната традиција. Со внимателното уредување сакавме да покажеме дека развојот не мора да го избрише минатото, напротив, може да го зачува, да го почитува и да му даде нова смисла. Новата експозитура ги обединува современите банкарски решенија со личен пристап и советување. Таквиот пристап е особено важен во град како Битола, кој отсекогаш покажувал дека има енергија да создава, да инвестира и да расте. Нашата задача е да бидеме вистински партнер на таа енергија, на граѓаните што планираат сигурна иднина, на компаниите што отвораат нови пазари и на претприемачите што имаат храброст својата идеја да ја претворат во реалност.“ – изјави на отворањето Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Новата експозитура која ги обединува досегашните две експозитури во Битола на една локација е сместена на улица „Широк Сокак“ бр. 26. Работното време останува како и до сега, секој работен ден од 08.00 до 16.00 часот.
Историски објект со банкарска традиција
Новата експозитура на НЛБ Банка во Битола е објект познат како зградата на Солунската банка основана во Солун во 1886 година. Во 1893 година Солунската банка отворила своја филијала во Битола, тогаш значаен трговски и конзуларен центар. Солунската банка не е важна само како стара финансиска институција, туку и како сведоштво за времето кога Битола била дел од широка трговска мрежа што ги поврзувала Солун, Цариград и европските финансиски центри. Филијалата овозможувала трговски кредити и пренос на пари во странство, внесувајќи модерни банкарски практики во локалната економија. Низ годините, објектот имал и други намени, но останал препознатлив дел од историското и архитектонското наследство на градот.


















