„Тешко е да се живее со депресија“ – пациентите од Клиниката за психијатрија со пораки до јавноста


svedostva-pacienti-klinika.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Би сакал/а општеството и блиските да разберат дека…


„Проблемите со менталното здравје се еднакво исти како и сите други здравствени проблеми“.

„Тешко е да се живее со депресија“.

„Колку и да сум стабилен, или да личам стабилен, внатрешно ништо не е променето“.

„Имам болест“.

Една работа што би сакал/а да се промени е…

„Да бидам здрава и нормална“.

„Да ме сфатат другите“.

„Да се прифатат менталните болести“.

Ова се само дел од сведоштвата од пациенти од ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија, по повод Светскиот ден на менталното здравје, 10 октомври, што годинава се одбележува под мотото „Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“.

„Ги замоливме нашите пациенти преку анонимизирани пораки да ги опишат нивните чувства, нивната борба и нивните желби со цел нивниот глас да стигне до јавноста, да поттикне поголемо разбирање и да покаже дека зад секоја дијагноза стои човек со сопствена приказна, потреби и надежи“, велат од клиниката.

Кампањата, која Универзитетската клиника за психијатрија ќе ја продолжи и во периодот што следува, има за цел да ја истакне потребата на луѓето кои живеат или живееле со ментални потешкотии да не бидат само слушнати, туку нивните искуства да бидат препознаени како важен облик на знаење и искуство. Во време кога депресијата, анксиозноста и останатите ментални потешкотии се во пораст, сметаме дека од исклучителна важност е да се разбие стигмата и да се испрати пораката дека барањето помош не е слабост.

Проф. д-р Славица Арсова, директорка на Универзитетската клиника за психијатрија вели дека многу често самите пациенти кои имаат потреба од психијатриско психолошка помош, можат да бидат од помош не само за себе, туку и за останатите.

„На тој начин се праќа порака дека не си сам и не си единствен. Многу често луѓето кои страдаат од било каква мака, без разлика дали е телесна или психолошка, првото чувство што го имаат е страв и прашањето дали само мене ми се случува ова, дали сум единствен на светот кој има вакви потешкотии? Поради тоа, многу е важно да се слушне некој кој поминал низ истото или има слична животна патека“, вели проф. д-р Арсова.

Таа додава дека нивната цел како здравствени работници е да не ги стигматизираат луѓето и да им создаваат чувство дека тие се различни од другите.

„Сите ние сме различни и во однос на нашите карактеристики и во однос на нашата психолошка состојба, но тоа не нѐ прави помалку вредни во однос на останатите. Секој човек во текот на својот живот може да дојде во ситуација да побара помош, затоа што едноставно не можеме сами да се справиме со сите работи. И тоа не е срам, туку напротив, претставува големина и зрелост“, вели проф. д-р Арсова.

Токму затоа, на овој ден испраќаат порака дека треба да се слушне гласот на безгласните, бидејќи тие се личности кои заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Секој човек заслужува да биде слушнат, виден, разбран, вреднуван и почитуван и да добие соодветна помош кога му е потребна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK