На 14 октомври во DoubleTree by Hilton Skopje ќе се одржи „Бизнис Арена 2026“, деловна конференција посветена на пазарна експанзија, иновации и меѓународен раст на македонските компании. Покрај програмата со домашни и меѓународни говорници, годинашното издание носи и нов формат, Brand Export Competition, натпревар преку кој македонски брендови добиваат можност да направат конкретен чекор кон странски пазар.
Од пристигнатите апликации, стручно жири составено од тројца шведски експерти избира три финалисти, кои на главната сцена на Бизнис Арена ќе го претстават својот бренд во едноминутен pitch. Победникот ќе биде избран со гласање во живо од публиката, а наградата е Go-to-Sweden Acceleration Package, тримесечна програма за подготовка и позиционирање на брендот на шведскиот, односно меѓународниот пазар.
За концептот на годинашната конференција, идејата зад Brand Export Competition и потенцијалот на македонските компании за интернационален раст разговараме со Бојана Блажевска, Project and Operations Lead на „Бизнис Арена“.
- Бизнис Арена 2026 е за неколку дена. Што може да очекуваат учесниците од годинашното издание и што би го издвоиле како нешто ново во програмата?
Годинава Бизнис Арена ја градиме како место каде што компаниите нема само да слушаат за раст, туку ќе можат да дојдат до конкретни знаења, контакти и можности кои понатаму можат да ги применат во својот бизнис.
На 14 октомври ќе собереме домашни бизнис лидери, меѓународни експерти и компании со амбиција за развој и излез на нови пазари. Во фокусот се пазарната експанзија, градењето конкурентни брендови, иновациите, лидерството и меѓународниот раст.
Но, многу ни е важно конференцијата да има и практична димензија. Затоа оваа година воведуваме и Brand Export Competition, преку кој сакаме една македонска компанија да добие конкретна можност својот следен чекор да го направи кон меѓународен пазар.
Тој концепт добро ја отсликува и самата идеја на Бизнис Арена, да не останеме само на разговор за тоа што им е потребно на компаниите за раст, туку да создадеме средина од која може да произлезе реална деловна можност.
- Токму Brand Export Competition е една од новините на годинашната Бизнис Арена. Како се роди идејата за овој натпревар?
Идејата беше да создадеме нешто што нема да заврши со конференцијата. Често зборуваме за интернационализација, за потенцијалот на македонските компании и за потребата тие похрабро да размислуваат надвор од домашниот пазар, но сакавме барем за еден бренд тоа да се претвори во конкретен процес.
Brand Export Competition е токму таква можност. Наместо само да зборуваме за извоз, сакаме една компанија да добие поддршка за реално да започне или да го забрза својот пат кон странски пазар.
Затоа натпреварот не е наменет за бизнис идеи во рана фаза, туку за компании кои веќе имаат изграден бренд, производ или услуга и се доволно зрели сериозно да размислуваат за меѓународна експанзија.
- За какви компании конкретно е наменет натпреварот?
Бараме македонски компании кои веќе имаат разработен бренд, производ или услуга и кои имаат јасна амбиција да растат надвор од Македонија.
Не е пресудна индустријата. Може да станува збор за храна и пијалаци, технологија, мода, козметика, производство, услуги, дизајн или друга категорија. Многу поважно е компанијата да има јасно дефинирана понуда, конкурентска предност и реална основа за понатамошен раст.
Не е услов компанијата веќе да извезува. Може да биде и во фаза на подготовка за извоз. Она што го бараме е зрелост, да има нешто изградено зад себе и да може да покаже дека е подготвена да го направи следниот чекор.
- Што најмногу ќе го интересира жирито при изборот на трите финалисти?
Ќе се гледа целокупната подготвеност на брендот за меѓународен раст.
Важно е компанијата јасно да објасни што нуди, по што се разликува од конкуренцијата, каде е присутна во моментов и како го гледа својот развој на странски пазари.
Ќе се земат предвид и искуството со извоз, интересот што можеби веќе го добила од странство, финансиската и организациската зрелост, но и тоа дали понудата има потенцијал да се адаптира на нов пазар.
Затоа и во апликацијата ги охрабруваме компаниите да бидат конкретни и директни. Не ни е потребен класичен маркетиншки говор. Многу поважно е искрено да кажат каде се денес, што веќе постигнале, која е нивната предност и што во моментов ги спречува да напредуваат побрзо.
- Зошто токму Шведска е првиот пазар кон кој е насочена иницијативата?
Шведска е зрел и конкурентен пазар, но во исто време е и одличен пример за тоа колку е важно компанијата добро да се подготви пред да влезе на нова територија.
Не е доволно само да имате квалитетен производ. Треба да знаете како размислува потрошувачот, какви се очекувањата, како функционира деловната култура, што треба да се адаптира во понудата, комуникацијата или пакувањето и како да се стигне до вистинските контакти.
Токму затоа за нас беше важно наградата да не биде само симболична. Победникот треба да добие процес и експертска поддршка што ќе му помогнат многу подобро да го разбере пазарот и да се подготви за реален влез.
- Во апликацијата ги прашувате компаниите и кои се најголемите пречки што ги спречуваат да извезуваат. Каде вие го гледате најголемиот предизвик?
Не постои еден ист проблем за сите компании.
Кај некои тоа е недостатокот на контакти и деловна мрежа на странскиот пазар. Кај други е недоволното познавање на пазарот, регулативата или начинот на кој брендот треба да се адаптира. За дел од компаниите пречка е капиталот, а за други можеби немањето јасна стратегија како да го започнат процесот.
Често македонските компании имаат добар производ и сериозен потенцијал, но немаат пристап до луѓето, знаењето или информациите што можат значително да им го скратат патот.
Токму тука гледаме вредност во една ваква иницијатива, да поврзе компанија која е подготвена за раст со експертиза и поддршка што реално ѝ недостига.
- Колку е важна улогата на тројцата шведски експерти во процесот на селекција?
Многу е важна, бидејќи тие ќе ги разгледуваат брендовите од перспектива на пазарот кон кој сакаме да ги насочиме.
Кога компанијата долго време работи на домашен пазар, природно е својот бренд да го гледа низ локална перспектива. Но она што функционира тука не мора автоматски да биде разбирливо, релевантно или конкурентно и на друг пазар.
Затоа надворешната експертиза е клучна. Целта не е само да се каже кој бренд е „добар“, туку кој има реална основа да се развива понатаму и што треба да направи за да биде подготвен за следното ниво.
- Од сите апликации ќе бидат избрани три финалисти. Што ги очекува на 14 октомври?
Тројцата финалисти ќе добијат можност да се претстават на Main Stage на Бизнис Арена пред целата публика.
Секој ќе има само една минута за својот pitch, што значи дека во многу кратко време треба да ја пренесе суштината на брендот, кој е, што нуди, што го прави различен и зошто има потенцијал за меѓународен раст.
Намерно го избравме овој краток формат. Ако добро го познавате својот бренд и неговата вредност, треба да можете јасно да ги комуницирате и во 60 секунди.
Потоа одлуката преминува кај публиката.
- Зошто се одлучивте токму публиката да го избере победникот?
Жирито ја има клучната улога во селекцијата, од сите апликации да ги препознае трите компании кои имаат најсилна основа и најголем потенцијал.
Во финалето сакавме да внесеме уште една димензија. Брендот на крајот треба да може да ја комуницира својата вредност и пред луѓето.
Публиката на Бизнис Арена ќе биде составена од претприемачи, менаџери, деловни лидери и луѓе кои секојдневно носат бизнис одлуки. Тие ќе гласаат во живо и ќе го изберат победникот.
Воедно, и самото финале е голема можност за трите компании, бидејќи тие ќе се претстават пред публика од потенцијални партнери, клиенти и деловни контакти.
- Што конкретно добива победникот со Go-to-Sweden Acceleration Package?
Победникот добива тримесечна програма за подготовка и позиционирање на брендот на шведскиот и поширокиот меѓународен пазар.
За нас тоа е суштината на целиот натпревар.
Не сакавме награда која ќе биде еднократна или само формална. Сакавме компанијата да добие период во кој ќе може да работи на својата подготвеност за пазарот, да ја анализира својата позиција, да разбере што треба да адаптира, каде се можностите и кои треба да бидат следните чекори.
Нашата цел е по завршувањето на програмата победничката компанија да биде многу поблиску до реална меѓународна експанзија отколку што била пред учеството во натпреварот.
- Што би им порачале на македонските компании кои имаат добар бренд, но сè уште се двоумат дали се подготвени за странски пазар?
Да не чекаат момент кога ќе се чувствуваат сто проценти подготвени, затоа што таков момент ретко доаѓа.
Важно е да имаат добра основа, квалитетен производ или услуга, јасна вредност и амбиција. Потоа следуваат тестирање, учење, адаптација и градење контакти.
Во Македонија има компании и брендови кои можат рамноправно да конкурираат на странски пазари. Она што понекогаш им недостига е вистинска можност да го направат првиот или следниот чекор.
Токму тоа сакаме да го овозможиме преку Brand Export Competition, еден македонски бренд да добие шанса својата амбиција за меѓународен раст да ја претвори во конкретен процес.