Намалувањето на средствата од ЕУ за помош за развој ќе создаде вакуум што ќе го пополнат Русија и Кина и ќе доведе до поголема миграција кон Европа, изјави ирскиот министер за меѓународен развој Нил Ричмонд.
„Ако го намалите буџетот на една земја за развој, тоа ќе ги принуди луѓето да се преселат. Ако луѓето немаат пристап до квалитетни здравствени системи, ако инфраструктурата околу нив се распаѓа, тие ќе се преселат“, изјави Ричмонд за бриселскиот „Политико“, пред денешниот состанок на министрите за развој на ЕУ во Даблин.
Тоа е првиот состанок на министрите за развој на ЕУ по речиси две години, што, според Ричмонд, го одразува фактот дека хуманитарната помош ја изгубила својата важност на глобалната агенда.
„Глобално, видовме пад на развојната соработка од над 23 проценти во изминатата година, не само поради намалувањето на американските средства, туку и на многу земји-членки на ЕУ“, рече Ричмонд, додавајќи дека Ирска и Шпанија се единствените две земји што ги зголемија своите буџети за развој.
Програмата „Глобална Европа“, главниот фонд на ЕУ за финансиска помош на земјите надвор од блокот, е меѓу областите за кои би можело да се намали финансирањето во предлогот на Ирска за преговарачка рамка за повеќегодишниот буџет на ЕУ.
Европската комисија предложи повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година од околу две илјади милијарди евра, што некои членки го критикуваа како преголем, барајќи значителни намалувања. Некои земји предложија намалување на средствата за развојна помош за да заштедат пари за други области, како што се одбраната, земјоделството и кохезиската политика.
Ирска, која моментално претседава со ЕУ, треба да ја претстави својата преговарачка рамка за буџетот утре, според „Политико“.
Дипломат од земја што прима средства од ЕУ, кој не сакаше да биде именуван, ги спореди намалувањата со драстичните намалувања на средствата за УСАИД под администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека тоа ќе им отвори врата на Москва и Пекинг.
Ричмонд истакна дека обезбедувањето помош е во геостратешки интерес на Европа.
„Колку повеќе се повлекуваат САД, толку повеќе се повлекува и ЕУ, тој простор најчесто го пополнува Русија“, рече тој, посочувајќи ги операциите за зајакнување на влијанието на Кремљ во Африка, како и напорите на Кина, Турција и други актери да го зајакнат своето присуство.