Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности за целосна реконструкција на паркот „Жена Борец“.
– Во срцето на нашето Скопје, Жена парк е едно од оние места каде што зеленилото, спомените и историјата се среќаваат. Место за одмор од градското секојдневие, за средби и прошетки, кое заслужува да биде уредено и негувано, со внимание кон секој детал. Токму затоа, во тек е неговата целосна реконструкција. Грижата за Скопје е наш приоритет и секојдневна одговорност – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градежните активности опфаќаат замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, кои ќе му дадат поубав и поблагороден изглед на просторот, во склад со неговото значење и местоположба. Истовремено, се реставрира постојната урбана опрема, а со дополнително хортикултурно уредување ќе се збогати зелената слика на паркот. Претходно, повторно засвети Вечниот оган кај фонтаната, кој во минатото не беше во функција.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека продолжуваат активностите за обновување и редовно одржување на постојните паркови, но и подигнување нови зелени површини, за повеќе простор за одмор, дружење и уживање за сите генерации. Скопје заслужува грижа што се гледа и се чувствува.