Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Белград учествуваше на вториот состанок на министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, чиј домаќин беше Република Србија.
Во фокусот на состанокот беа регионалната енергетска соработка и зајакнувањето на енергетската сигурност во Југоисточна и Централна Европа, со акцент на диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, регионалното енергетско поврзување и развојот на регионот како значаен енергетски коридор за Европа.
Една од клучните теми беше развојот на гасната инфраструктура и искористувањето на постојните капацитети, како и напредокот во реализацијата на новите гасни интерконекции. На состанокот беше поздравено вклучувањето на Македонија и Србија во „Вертикалниот гасен коридор“, преку нивните оператори на преносните системи, како и најавата за скорешен почеток на изградбата на гасната интерконекција меѓу двете земји.
Интерконекцијата Србија–Македонија ќе се поврзе со интерконекцијата Македонија–Грција, која е во изградба. Според договорената динамика, грчкиот дел се очекува да биде завршен до крајот на 2026 година, додека македонскиот дел во 2027 година. За српскиот дел од интерконекцијата веќе се испорачани првите цевки, а поставувањето на цевководот ќе започне во следниот период.
Со реализацијата на овие инфраструктурни проекти ќе се отвори нов правец за снабдување на Македонија со течен природен гас преку терминалот во Александруполис, покрај постојните правци за снабдување преку Бугарија. Со тоа дополнително ќе се диверзифицираат изворите и правците на снабдување и ќе се зајакне отпорноста на регионалниот енергетски систем.
На состанокот беше потврдена определбата за понатамошен развој на „Вертикалниот гасен коридор“ и негово зајакнување како сигурна енергетска порта кон Југоисточна и Централна Европа и Западен Балкан. Гасната инфраструктура, интерконекциите и капацитетите за течен природен гас во регионот ќе овозможат поголема флексибилност и пристап до диверзифицирани извори на гас за земјите од регионот.
Министрите разговараа и за идниот развој на гасната инфраструктура, вклучително и можноста постојните и новите инфраструктурни капацитети во иднина да се користат и за транспорт на водород, во согласност со процесите на енергетска транзиција и декарбонизација.
Во делот на електроенергетскиот сектор, министрите разменија информации за подготвеноста на преносните системи за претстојната зимска сезона и можностите за размена на електрична енергија. Разговарано беше и за развојот на обновливите извори на енергија, преносните мрежи, реверзибилните хидроелектрани и батериските системи, со цел зголемување на флексибилноста и капацитетите за складирање енергија.
Значаен дел од разговорите беше посветен на понатамошната интеграција на електроенергетските пазари на земјите од Енергетската заедница со пазарите на земјите членки на Европската Унија. Подлабоката интеграција на пазарите ќе придонесе за поголема флексибилност, подобри можности за прекугранична размена на електрична енергија и поголема сигурност на снабдувањето во регионот.
На состанокот беше разгледан и потенцијалниот развој на југоисточниот крак на националниот систем на нафтоводи за транспорт на нафтени деривати по трасата Солун–Скопје–Ниш. Развојот на овој правец би овозможил дополнително поврзување на Србија, преку Македонија, со енергетската инфраструктура и пристаништето во Солун.
Министрите разменија мислења и за праведната енергетска транзиција и декарбонизацијата на Западен Балкан, при што беше истакната потребата од координиран пристап и соодветна финансиска поддршка од Европската Унија. Разговарано беше и за регулаторната рамка на ЕУ, вклучително и Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – CBAM, како и за потребата од поддршка на земјите од регионот во приспособувањето кон новите барања.
Во македонската делегација во Белград се и директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС.
По завршувањето на министерскиот состанок, македонската делегација продолжува со работните активности во Белград. Во рамките на престојот, министерката Божиновска ќе оствари и билатерална средба со министерката за енергетика на Бугарија, Ива Петрова, на која ќе разговараат за натамошното унапредување на енергетската соработка и регионалното поврзување.
Вториот министерски состанок во Белград ја потврди определбата на четирите земји за продолжување на регионалната соработка и заедничко дејствување во насока на поголема енергетска сигурност, поврзаност и отпорност на енергетските системи во Југоисточна Европа.