Работничките права не се предмет на пазарење: Мрежата за заштита од дискриминација се противи на предлогот за кратење на неработните денови


Depositphotos_16950051_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од Мрежата за заштита од дискриминација соопштуваат дека остро се спротивставуваат на предлогот на Стопанската комора за неработните денови и нивно индивидуално договарање меѓу работникот и работодавачот.


Од таму нагласуваат дека работничките права мора да бидат заштитени со закон и колективни договори. Нивното користење, додаваат, не смее да зависи од волјата на работодавачот или од преговарачката моќ на работникот.

„Кога работникот стравува за своето работно место, индивидуалното договарање лесно станува притисок да се откаже од своите права. Најизложени се работниците со ниски примања и несигурни вработувања. Затоа ни се потребни силни законски гаранции, синдикално организирање и колективно договарање.
Ниту работодавачите ниту Стопанската комора треба да проценуваат кој е „доволно верник“ за да користи празник. Работниците не треба да ги оправдуваат своите уверувања, ниту да објаснуваат како го поминуваат слободното време и каде ги трошат заработените пари.
За работничките права не се одлучува без работниците и нивните синдикати. Секоја промена што ги засега мора да биде предмет на суштински социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, со цел унапредување на правата и условите за работа“.

Бараат како што велат, Владата да ги заштити постојните права и да не прифаќа нивно префрлање од законска гаранција во индивидуално договарање.

„Бараме да се зачува и постојната заштита за неработниот ден кога празник паѓа во недела.
Поголема продуктивност се гради со инвестиции, подобра организација, безбедни услови и достоинствени плати. Работниците не смеат повторно да ја плаќаат цената на економските проблеми со помалку одмор и помалку права.
Ни требаат подобри услови за работа, силни колективни договори и вистински социјален дијалог. Работничките права не се предмет на пазарење“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK