Новото барање на Украина за финансиски средства сè уште не е одобрено од властите во Европската Унија, објави денес францускиот весник „Монд“.
Се наведува дека во седиштето на Европската комисија се одржал состанок на кој учествувале претставници на земјите од Г7, Норвешка, Јужна Кореја и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во весникот се наведува дека целта на состанокот била да се проценат потребите на Украина, која веќе бара дополнителна финансиска помош, и покрај средствата што претходно ѝ биле доделени.
„Се чувствуваме како да ја полеваме пустината“, изјавил европски дипломат за време на состанокот, како што објави париски дневен весник.
Во текстот се забележува дека ова најново барање за дополнителна помош е дочекано со незадоволство во Брисел.
Според весникот, членките на ЕУ преговараат за повеќегодишен буџет што вклучува 100 милијарди евра за Украина во периодот од 2028 до 2034 година.
Сепак, Германија и нејзините сојузници сакаат да го намалат овој буџет, па затоа обезбедувањето нова финансиска поддршка за Украина би можело да биде тешко.
Покрај тоа, како што истакнува весникот, во 2027 година во Европа ќе се одржат голем број важни национални избори, а во многу од овие земји прашањето за финансирање на Украина е особено чувствително.
Станува збор за избори во Франција, Шпанија, Полска и Италија.
Во исто време, веројатниот кандидат и фаворит на анкетите во Франција, лидерката на крајно десничарското Национално собрание, Марин Ле Пен, веќе изјави дека ќе ја суспендира целата финансиска помош за Украина доколку победи на изборите.
„Чекаме детали за потребите и ќе видиме како можеме да одговориме на нив. Ова ќе биде дискутирано на состанокот на министрите за финансии на 9 октомври или дури и на состанокот на Европскиот совет во средината на октомври“, изјави европски дипломат за овој весник.
Европската унија останува еден од клучните извори на финансиска поддршка за Украина, а оваа година помошта се обезбедува преку неколку механизми, вклучувајќи буџетска поддршка и заеми, исто така наменети за трошоци за одбрана.
Поточно, ЕУ одобри кредитен механизам од 90 милијарди евра, а околу 30 милијарди евра се наменети за директна буџетска поддршка на Украина, додека уште 60 милијарди евра се издвоени за одбранбени цели.
На 24 септември, Советот на ЕУ одобри уште три милијарди евра финансиска поддршка за Киев, пренесува Танјуг. Украина ќе добие уште милијарда евра од Норвешка во форма на неповратна поддршка.