Само што заврши летото (на 23 септември) и помисливме дека заврши периодот со големите горештини кои оваа година беа со рекордно високи температури во цела Европа, читам наслови дека почнува феноменот Ел Нињо кој оваа година ќе биде многу интензивен. Во содејство со климатските промени се претпоставува дека може да однесе дополнително над 450.000 животи во земји од јужната хемисфера. Ако потрае до следното лето, може да има уште поголеми горештини и во Европа во 2027 година. А видовме што се случи во европските земји кои беа зафатени со топлински бранови неколку пати од мај до крајот на август. Кога горештините беа во полн ек, имаше турканици во трговските центри за да се купи било каков апарат за ладење. Значи потребата од инсталирање на клима уреди е сé поголема во целиот свет.
Од друга страна, наскоро ќе почне грејната сезона, а тогаш се јавуваат исто така големи проблеми за греење на просториите. Особено во Република Македонија (РМ) каде што најмногу се користи огревно дрво при што доаѓа до загадување на воздухот со ПМ честички. Од таа причина Владата на РМ и некои општини даваат субвенции за купување на клима уреди наменети за греење. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) во иднина треба да се преминува на греење со топлински пумпи кои би користеле електрична енергија добиена од обновливи извори на енергија (сонце, вода и ветер). Природниот гас треба да се исфрлува од употреба бидејќи припаѓа во групата на фосилни горива при чие согорување се емитуваат стакленички гасови.
Значи клима уредите стануваат неопходни и за ладење и за греење. Но за разлика од печки и шпорети на дрва, клима уредите се сложени апарати за кои треба минимум знаење за правилно ракување, монтажа, сервисирање и одржување. Еден клима уред има четири основни елементи: мотор-компресор, кондензатор, испарувач и придушен елемент. Тие се поврзани со цевки создавајќи затворен круг во кој струи ладилен флуид (порано наречен “фреон“) кој е под притисок. Фреоните ја уништуваат озонската обвивка на атмосферата и затоа пред неколку декади се воведе забрана за нивно користење, а се воведоа нови ладилни флуиди, но некои од нив имаат висок потенцијал на глобално загревање и не смеат да се испуштаат во атмосферата. Заради тоа, во сите земји во светот е воведена задолжителна обука на сервисерите за ладилни и клима уреди за што добиваат сертификат и/или лиценца за работа со такви уреди.
На моја иницијатива, во 1999 година во лабораторија на Машински факултет беше направен првиот тренинг центар за таква обука, а проектот беше подржан од фондот на Монтреалскиот Протокол преку УНИДО како агенција за имплементација. Бевме први на Балканот, пред Романија, Хрватска, Србија, БиХ, Албанија …Преку 200 сервисери и инженери беа обучени со теоретска настава и практични вежби. По успешно спроведено тестирање учесниците на курсевите добиваа сертификат за правилно ракување и сервисирање на ладилни и клима уреди. Координација вршеше Канцеларијата за заштита на озонската обвивка во состав на Министерството за животна средина кое води евиденција (списоци) на обучени сервисери.
Во целиов текст најчесто спомнувам “клима уреди“ тако што читателите веројатно ќе помислат дека се однесува само на индивидуалните клима уреди (сплит системи). Сакам да истакнам дека написов се однесува за сите системи за ладење и греење со топлински пумпи, вклучувајќи и централна климатизација со големи капацитети.
Сега доаѓам до крајот на овој напис и причината зошто го напишав. Имено, мој познајник инженер ме контактираше во врска со клима уред што го купил неодамна. Тој разбрал од некаде дека при монтажата на клима уредот треба да се врши некакво вакумирање, ама сервисерите што монтирале не го направиле тоа, а немале ниту вакуум пумпа. Му одговорив дека вакумирањето (извлекување на воздух од системот) е задолжително бидејќи системот ќе работи со многу повисок притисок и во потешки работни услови ако внатре има воздух, а тоа води до дефект со голема веројатност. По вакумирањето, системот се полни со ладилен флуид во точно одредено количество.
Не сум многу информиран што се случува последниве години во врска со законската регулатива во оваа област. Слушам дека има и некој закон (или пропис) за воведување на лиценци за сервисери за ладилни и клима уреди, но постапките не се целосно завршени во врска со тоа кој орган да ги издава лиценците, кој треба да врши контрола, нешто како инспекција итн.
Да заклучам, мора итно да профункционира некаква контрола (инспекција) на работата при сервисирање на ладилни и клима уреди од страна на некоја државна институција. Поминаа 26 години од првите обуки на сервисери кои добија сертификат во оваа област и малку треба да се направи ред во работата.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје
24.09.2026