Еднакви можности и безбедно политичко учество на жените – во фокусот на дводневната тркалезна маса во Собрание


2-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денеска во Собранието се организира дводневна тркалезна маса со учество на повеќе засегнати страни, во организација на Собранието и Интерпарламентарната унија (ИПУ), со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА) за унапредување на родовиот паритет и борба против дигиталното насилство врз жените во политиката во нашата држава.


Тркалезната маса ја отвори Златко Атанасов, раководител на Парламентарниот институт на Собранието, кој ги поздрави присутните и ги запозна со темите што ќе бидат опфатени, како и со текот на сесиите предвидени во рамки на дводневната работна програма.

Поздравно обраќање имаше Африм Гаши, претседател на Собранието, кој истакна дека родовиот паритет во политичкиот живот не е прашање што се однесува само на жените.

„Тоа е прашање кое ги одредува квалитетот, легитимноста и репрезентативноста на секоја демократска институција. Парламент во кој недостасува гласот на половина од населението е парламент кој не ги слуша во целост потребите и приоритетите на своите граѓани“, рече Гаши.

„Политичкото учество на жените денес се соочува со дигитално насилство и дезинформации, феномен кој ги обесхрабрува жените да влезат во политиката, ги напаѓа оние кои веќе се дел од неа, и на долг рок го загрозува плурализмот на демократијата. Затоа е неопходно овој проблем да се третира со истата сериозност со која се третира секое друго прашање на институционална безбедност и владеење на правото“, заклучи Гаши.

Синтија Лопес Кастро, сенаторка во Сенатот на Мексико, во своето обраќање истакна дека Мексико е една од осумте држави во светот во кои е постигнат родов паритет во Парламентот, со еднаква застапеност на жените и мажите од 50 проценти.

Таа посочи дека родовиот паритет во Парламентот придонесува за унапредување на демократијата, развојот и просперитетот на државата. Во тој контекст нагласи дека за постигнување на оваа цел потребен е континуиран ангажман, при што особено значајно е жените да се обединат и да соработуваат, независно од политичките, идеолошките и другите разлики. Како сериозен проблем со кој се соочуваат жените во политиката ги посочи честите сексистички коментари и говор на омраза во дигиталниот простор, што може да има сериозни последици врз нивното учество и задржување на јавни и политички функции.

Пратеничката Јованка Тренчевска како претседателка на Клубот на пратенички на Собранието се осврна на историската борба за вклучување на жените во политичкиот и општествениот живот. Таа посочи дека во првите три парламентарни состави по независноста на државата биле избрани само пет, четири и девет пратенички. Токму ниската застапеност на жените во политичкото одлучување придонела кон воведувањето на квоти, најпрво со 30 проценти застапеност на жените на кандидатските листи, а потоа и со зголемување на квотата на 40 проценти, што е законскиот минимум и денес.

Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, во своето видеообраќање, истакна дека кога станува збор за учеството на жените во општеството, фокусот не треба да биде само на бројките, туку пред сè на обезбедувањето еднакви можности. За постигнување на овие цели е потребна солидарност меѓу жените, како и меѓусебно охрабрување и поддршка за поголемо учество во сите сфери на општествениот и политичкиот живот.

Тркалезната маса продолжи со првата сесија „Родов паритет во парламентот и политиката: меѓународни, регионални и национални рамки“.

За напредокот во законската рамка за политичкото учество на жените во Северна Македонија, Есељ Лукрис, истражувачка во Парламентарниот институт на Собранието, даде осврт за состојбата на актуелниот парламентарниот состав 2024 – 2028, како и учеството на жените во работните тела, кои покажуваат дека жените денес имаат значајно присуство во Собранието. Но, од друга страна, бројната застапеност е само еден аспект на политичкото учество, подеднакво важно е и позиционирањето на жените на кандидатските листи и колку од нив се на позиции од кои имаат реална можност да бидат избрани.

На настанот, исто така, беше нагласена потребата од културолошка трансформација, длабоки дискусии за предрасудите, надминувањето на општествените норми што го ограничуваат учеството на жените во парламентот и политиката воопшто.

Настанот продолжува утре кога ќе стане збор за сексизам, вознемирување и насилство врз жените во парламентот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK