Утре, 22 септември, во 20 часот во КСП Центар-Јадро ќе биде отворена изложбата ФИКЦИИ на Игор Тошевски.
ФИКЦИИ ги спојува гласните филмски наслови на платно со тивките редимејд објекти за да претстави судир помеѓу кинематографскиот мит и критичката мисла. Позајмувајќи ја естетиката на висок контраст, остри сенки и драматичната типографија од филм ноарот од средината на минатиот век, изложбата го преведува постструктуралистичкото истражување и културната теорија во остри визуелни декларации.
Заедно, текстот и објектот конструираат тензија помеѓу знакот и реалноста, сенката и супстанцијата, трудот и илузијата. ФИКЦИИ ги поканува гледачите во соба со неснимени филмови и теоретски трилери каде што публиката е ставена во просторот помеѓу она што е видливо, она што се кажува и она што останува задскриено.
„Игор Тошевски како и секогаш ни ги отвора вратите кон непознатите коридори на скриените, невербализирани значења кои се наоѓаат во задскирените, невидливите, тешко изречените, премолчените јазични, општествени, етички и естетски јадра. Дискретно, во специфичен, атипичен лирско-субверзивен формат, тој ги артикулира трагите на политичното, јаловото, она што боли, во својот речиси сенишен, а толку телесно ранлив графички спектар, единствен според своите специфики. Неговата когнитивно-аналитичко-лирска поетика создава слоевит визуелен јазик во кој се проникнуваат критичката, спекулативната, социо-психолошката и филозофско-политичката калеидоскопска перспектива.
Овојпат „сеништата“ на Тошевски доаѓаат од друго место и својата референца ја наоѓаат во затемнетите ходници на американскиот филм ноар, во оние кадри во кои детективот и протагонистите никогаш не ја знаат целата вистина, туку талкаат меѓу трагите, парадоксите и конфликтните сенишни, реноаровски „темни светлини“. Тошевски, како што самиот укажува во своето уметничко кредо посветено на изложбата насловена Фикции, во последниве години речиси архивистички истражува филмски секвенци, кадри, кои ги сортира по теми – расфрлани тела на подот, празни ентериери во кои некој штотуку престанал да живее, вратоврски кои се единствениот доказ дека под нив некогаш чукало срце. Таа „архива на повторливата значенска празнина“, на симболички и фактички геометриски празниот простор, не е само илустрација на еден жанр. Тошевски ја издигнува на ниво на аутопсија на жанрот, на негова деконструкција и длабинска херменевтичка вивисекција. Затоа насловот на изложбата не е случаен: Фикции – зашто она што овие „платна“ го нудат не е теориско-емпириска студија која ќе ја прикаже „вистината“ за ноарот, туку хипотеза за начинот на кој воопшто се произведува една вистина – фрагмент по фрагмент, слика по слика, реченица по реченица, утопија по утопија.“ –фрагмент од есејот на Искра Гешоска