Денеска се одржа официјална средба меѓу претставници на Кавадарци и кинескиот град Јиву, на која со онлајн церемонија беа потпишани документите за воспоставување збратимени односи меѓу двата града, соопштија од Левица.
Според партијата, ова претставува конкретен чекор во продлабочувањето на врските меѓу Македонија и Народна Република Кина и уште еден резултат на меѓународната активност и соработката што Левица ја гради со Кина.
Средбата беше отворена од Џанг Вејвеј, директорка на Канцеларијата за надворешни работи на Јиву, а прв се обрати Танг Танг, член на Постојаниот комитет на Градскиот комитет на Комунистичката партија на Кина во Јиву и заменик-градоначалник на Јиву. Тој ја истакна огромната трговска размена на Јиву, неговата улога како глобален трговски центар и потенцијалот за понатамошно продлабочување на економската соработка со Македонија.
По онлајн церемонијата на потпишување на документите, свое обраќање имаше Реџеп Исмаил-Хактан, потпретседател на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија, кој го истакна потенцијалот што збратимувањето го отвора за Кавадарци и Тиквешијата – особено за пласманот на македонските вина и земјоделски производи на кинескиот пазар, но и за соработка во трговијата, логистиката, електронската трговија и туризмот.
Дополнително, Исмаил ја поздрави одлуката на Народна Република Кина за овозможување безвизен престој до 30 дена за македонските граѓани и порача дека Македонија треба да возврати со иста мера, овозможувајќи безвизен влез и за кинеските граѓани.
На средбата се обрати и амбасадорката на Народна Република Кина во Република Македонија, која го истакна значењето на збратимувањето на Кавадарци и Јиву за натамошното продлабочување на соработката меѓу двете земји и перспективите што тоа ги отвора за иднината. Амбасадорката упати и голема благодарност до Левица за придонесот во развивањето и зајакнувањето на македонско-кинеските односи.
„Во воспоставувањето на овие врски свое учество имаат и советниците на Левица во Советот на Општина Кавадарци, Круме Богевски и Бошко Бошев, како претставници на Левица во локалната самоуправа и непосредни претставници на партијата во Кавадарци. Односите меѓу Левица и Комунистичката партија на Кина се темелат на заемно почитување, рамноправност и солидарност, со уверување дека меѓународната соработка треба да биде во интерес на народите и нивниот развој“, соопштија од Левица.