Радиолошкиот технолог е столб на современата дијагностика и терапија – ова е клучната порака што околу двесте радиолошки технолози ја испратија од 12-тиот Конгрес на Здружението, кој се одржува во Хотел Дрим, Струга до 20-ти септември 2026 година.
Според организаторите – Здружението на Радиолошки Технолози, Македонската асоцијација на радиолози (МАР), Македонската асоцијација на радиотерапевти онколози (МАРО) и докторите специјалисти по нуклеарна медицина, овој настан ја обединува стручната фела и претставува врв на едукацијата и размената на искуства во нашата област.
„Овогодишното издание на Конгресот има посебна тежина и значење бидејќи се одржува со силна и активна соработка и со Македонската асоцијација на радиолози (МАР), Македонската асоцијација на радиотерапевти онколози (МАРО) и докторите специјалисти по нуклеарна медицина. Оваа синергија меѓу радиолошките технолози, радиолозите, радиотерапевтите – онколози и специјалистите по нуклеарна медицина испраќа моќна порака: успехот во модерната медицина се темели на мултидисциплинарен пристап и тимска работа “, вели Ведрит Ибушоски, претседател на Здружението на Радиолошки Технолози.
Организаторите длабоко веруваат дека инвестирањето во знаењето и професионалниот развој на радиолошките технолози е директна инвестиција во повисок квалитет на целиот македонски здравствен систем.
„Иднината на радиологијата не ја градат професии што работат една покрај друга, туку професионалци што работат заедно. Токму затоа МАР- Македонската Асоцијација на Радиолози, оваа година застана зад Конгресот на Здружението на радиолошки технолози на Македонија. Радиологот и радиолошкиот технолог се дел од ист тим а со развојот на новите технологии, радиотерапијата и минимално инвазивните имиџинг – водени третмани, таа поврзаност станува уште поважна“, објаснува доц. д-р Соња Николова, Директор на ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија – Скопје и Претседател на Македонската асоцијација на радиолози – МАР.
Според неа, овој Конгрес е можност да се истакне знаењето, посветеноста и значајната улога на радиолошкитес технолози и да се отвори ново поглавје во нашата соработка.
„Заедно да учиме, да воведуваме нови методи и протоколи и да ги поместуваме професионалните граници. За МАР ова не е еднократна поддршка, туку партнерство што сакаме да прерасне во традиција. Затоа што кога знаењето го споделуваме, напредуваме сите – а најмногу добива пациентот“, додава Николова.