Утре во Битола почнува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој годинава ќе понуди богата филмска и едукативна програма и ќе донесе голем број гости од светската кинематографија.
На денешната прес-конференција, директорот на фестивалот Димитрија Доксевски и претседателката на Друштвото на филмските работници на Македонија, Марија Димитрова, ги претставија главните акценти на годинашното издание.
Покрај лауреатите Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет, во Битола пристигнуваат Јануш Камински, Семи Капланоглу, Воли Фистер, Тимо Салминен и други истакнати автори.
Петре Арсовски ќе ја прими наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Годинава главната селекција во Центарот за култура ќе се прикажува со нов DCP-проектор и на ново филмско платно, а програмата „Макпоинт“ се враќа во Пациото на Музејот на Битола со бесплатни проекции под отворено небо.
Димитрова ја најави и соработката со Европската филмска академија и нејзиниот Cinematographers Chapter. Првиот панел, со Тимо Салминен и Јануш Камински, ќе се одржи на 21 септември.
Фестивалот ќе биде отворен утре, 19 септември, во Центарот за култура во Битола со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума.