Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, побара целосна транспарентност за начинот на кој се потрошени 5,5 милиони евра за одбележувањето на 35-годишнината од независноста, откако Владата соопшти дека прославата чинела околу 340 милиони денари. Од Владата беше соопштено дека најголемиот дел од средствата, 300 милиони денари, биле обезбедени преку нераспределената добивка на Државна лотарија од 2024 година, додека остатокот бил обезбеден преку донации од компании.
„Прво мора да се искоментира тоа дека ние добивме како јавност информација дека парите кои биле потрошени биле нереализирани пари од претходните години. Тоа не смее да биде така. Ако тие пари биле нереализирани, требале да завршат во Буџетот на Република Македонија и да бидат искористени за социјални програми за граѓаните. Тоа се пари на граѓаните на Република Македонија, од нивни придонеси, од нивни даноци и од нивната активност.“
Мециновиќ посочи дека прашањето за отчетност не завршува со објавувањето на вкупната сума, туку јавноста мора да има увид во тоа каде и на кого завршил секој денар од потрошените средства.
Дополнително, тој посочи дека брзината со која била објавена програмата за прославата отвора прашања за процесот на нејзиното креирање и изборот на организаторот. Според објавените информации, рокот за доставување понуди истекол на 8 мај, а веќе на 12 мај Владата и продукцијата „Авалон“ ја презентирале програмата, при што била доставена една понуда.
„Програмата кога се објави беше толку брзо објавена после повикот. Ние веќе имавме програма, што значи дека програмата веќе била договорена и сите активности веќе биле договорени.“
Левица смета дека особено е важно јавноста да не дозволи прашањето за потрошените 5,5 милиони евра да биде затворено со објавување само на вкупната сума. Потребни се целосни податоци за договорите, добавувачите, анексите и сите поединечни трошоци поврзани со прославата.
„Ова е повторно еден тест за нас како општество. Не смееме да дозволиме оваа приказна да замре. Очигледно е дека се потрошени огромни средства во услови кога Македонија има толку многу други потреби. Како јавни чинители имаме одговорност ова да го артикулираме и да бараме одговорност.“
Мециновиќ порача дека прашањето не е само колку чинела прославата, туку каков однос има институционалната власт кон јавните средства и кон правото на граѓаните да знаат како се трошат.
„Најмногу од народот не треба да ги паметат овие 35 години независност по грандиозноста на прославата, туку по тоа како се трошеле јавните средства. На сите нас е да не дозволиме да замре оваа приказна.“
Левица бара Владата целосно и јавно да ги објави сите договори, анекси, добавувачи и поединечни трошоци поврзани со прославата, за граѓаните да можат да видат каде завршиле 5,5 милиони евра.