Над 100 милиони евра за модерни студентски домови низ државата


studentski-dom-kuzman-fotovoltaici
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По децении во кои голем дел од студентските домови во земјава останаа во застарена и несоодветна состојба, Владата започнува процес на нивна темелна и системска модернизација. Наместо привремени и козметички зафати, владината политика е насочена кон целосна реконструкција на објектите и создавање современи услови за живот и учење.

Проектот опфаќа девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом, со што ќе бидат опфатени повеќе од 5.000 студенти и ученици. Станува збор за објекти кои во најголем дел се изградени во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, а дел од нив со децении чекаат сериозна реконструкција.


Обновата ќе се реализира во три фази. Првата ги опфаќа домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, при што реконструкцијата на „Стив Наумов“ е пред завршување, а „Кузман Јосифовски-Питу“ треба да биде завршен до крајот на годината. Во втората фаза се опфатени преостанатите студентски домови, меѓу кои „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“ во Битола, „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“ во Скопје, како и „Томе Стефановски-Сениќ“. Третата фаза ги опфаќа ресурсните центри за ученици со попреченост и еден ученички дом за средношколци во Скопје.

Особено значајно е што станува збор за темелна реконструкција, а не само за уредување на објектите. Предвидени се нови електрични, водоводни и канализациски инсталации, системи за греење, замена на покриви и столарија, термоизолација, подобрување на санитарните услови, противпожарна заштита, сеизмичка безбедност и подобра пристапност. Четири од домовите – во Охрид, Прилеп, Штип и „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје – ќе бидат реконструирани според уште повисоки стандарди, близу до нивото на објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија.

Финансиската конструкција е значајна 85,56 милиони евра, од кои 60 милиони евра се обезбедени преку заеми од германската развојна банка KfW, околу 21 милион евра се грантови од Европската Унија преку WBIF, а 3,85 милиони евра се средства од Министерството за образование и наука. Во перспектива, со дополнителни средства, вкупната инвестиција се очекува да надмине 100 милиони евра.

Ова ја покажува и пошироката определба на Владата да инвестира во образовната инфраструктура и студентскиот стандард, користејќи ги европските фондови и меѓународната поддршка за да се реши проблем кој со години беше одложуван.

Дополнителна вредност на проектот е енергетската ефикасност. По реконструкцијата, потребата за енергија по дом се очекува да биде намалена за просечно 56 проценти, додека емисиите на CO₂ ќе се намалат за околу 49 проценти. На ниво на целиот проект се очекуваат годишни заштеди од околу 7.700 MWh енергија и 3.400 тони CO₂.

Целокупниот проект треба да се реализира во три фази и да биде завршен до декември 2031 година. Тоа значи дека Владата поставува долгорочна рамка за конечно да се модернизира целата мрежа на државни студентски домови, со инфраструктура која нема да ги задоволува само денешните, туку и потребите на идните генерации.

На тој начин, владината заложба не се сведува само на изградба и реконструкција на згради туку инвестиција во студентите, подобар студентски стандард и современа образовна инфраструктура, со европски стандарди и долгорочен ефект врз квалитетот на животот и условите за учење.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK