Општина Аеродром продолжува со уредување и модернизација на јавните површини. Градоначалникот Дејан Митески и пратеничката Катерина Димитровска денеска извршија увид во тековните активности кај „Три Бисери“, каде што просторот по неколку децении добива целосно нов изглед, но, што е најважно, побезбедни и пофункционални услови за сите генерации. Станува збор за простор со голема фреквенција на граѓани во текот на целиот ден, поради што неговото уредување е од особено значење за жителите на овој дел од Аеродром.
„Во рамките на активностите, старите, искршени и дотраени плочки на големиот плочник и на пешачките патеки, по повеќе децении, се заменуваат со нови. Со тоа просторот добива поуреден изглед, а граѓаните добиваат побезбедни услови за секојдневно движење.
Уредувањето продолжува и со поставување ново и современо детско игралиште, со кое најмладите жители од овој дел на Аеродром добиваат ново место за игра, забава и безгрижно детство.
Покрај тоа, по повеќе децении се уредуваат и постојните бетонски клупи, на кои се монтирани квалитетни дрвени даски за седење. Со ова се создава поудобен и попријатен простор за одмор, разговор и дружење за сите генерации“, велат од Општина Аеродром.
„Дополнително, просторот ќе биде збогатен и со нови метални држачи за велосипеди, со што јавната површина ќе стане уште пофункционална и подобро прилагодена на потребите на граѓаните.
Активностите кај „Три Бисери“ се дел од пошироките вложувања на Општина Аеродром во урбаната опрема и уредувањето на јавните површини. Во повеќе делови од општината се поставуваат нови клупи, а се обновуваат и поставуваат целосно нови детски и спортски игралишта“, се додава во соопштението на Општина Аеродром.