Од 25 до 27 септември во Велес ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на Џез, Wоrld и современа музика


plakat.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од 25 до 27 септември во Велес ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на ЏЕЗ, WORLD И СОВРЕМЕНА МУЗИКА, кој годинава одбележува свој мини-јубилеј – пет години исполнети со музика, уметност, ентузијазам, нови средби и културна размена.


Фестивалот започна со едноставна, но важна идеја – уметноста да не биде концентрирана само во метрополите и големите градски центри, туку да се создаваат услови различни уметнички изрази да патуваат, да се среќаваат со нова публика и да се развиваат и во други градови и локални средини. Од таа идеја фестивалот постепено ја гради својата приказна и денес претставува простор во кој публиката има можност да слушне и види уметници од различни делови на светот.

Иако во својата основа е музички фестивал, неговата програма од самиот почеток не се ограничува само на музиката. Во различни изданија фестивалот вклучува изложби, работилници, видео проекции и мапинг, визуелни и сценски перформанси, како и други уметнички форми кои на различни начини комуницираат со музиката.

Од втората година фестивалот добива интернационален карактер, отворајќи простор за средба на домашната сцена со уметници од различни земји и културни средини.

Идејата е преку музиката да се запознаваат различни култури, но и преку тие средби да се отвораат нови прашања и можности за домашната сцена. Како звучи џезот од Грац во Велес? Што носат со себе уметниците од Финска? Какви се нивните искуства и пристапи? Што можеме да научиме од уметниците кои доаѓаат од различни културни средини, а што можеме ние да им понудиме ним?

Токму таа двонасочна размена е една од важните карактеристики на фестивалот. Интернационалната програма не е само можност велешката публика да слушне странски уметници, туку и можност македонските уметници да се сретнат со колеги од други земји, да разменат искуства, идеи и можности за идни соработки.

Во самото име на фестивалот – ЏЕЗ, WORLD И СОВРЕМЕНА МУЗИКА – се препознава неговата отвореност кон различни жанрови и музички јазици. Фестивалот не поставува строги граници меѓу музичките форми, туку се обидува да понуди поширока перцепција на современата музика и нејзините различни изрази.

Фестивалот е основан од Општина Велес, а со делегирана надлежност негов организатор е Здружението за култура, уметност и млади „Арт-Генератор“ – Велес. Општина Велес ја делегира надлежноста за организирање и реализирање на оваа културна манифестација на „Арт-Генератор“, со што фестивалот се развива како дел од културната понуда на градот.

Овогодишното издание се реализира без поддршка од Министерството за култура и туризам, но фестивалот успева да го задржи својот интернационален карактер, разновидната програма и повеќелокацискиот формат.

Годинава фестивалот повторно ќе се одвива на повеќе локации низ Велес – на платото и на Големата сцена на Театар „ЈХК „Џинот“ – Велес, во Градскиот парк и во просторот на Спомен-костурницата, со што различните содржини повторно ќе добијат различни амбиенти и контексти, најавува организаторот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK