Покрената петиција: Чистиот воздух и здравата животна средина да бидат приоритет


dete-zagaduvanje-depositphotos_196902714_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Покрената е петиција со која се повикуваат граѓаните да испратат јасна порака дека чистиот воздух, безбедната вода, правилното управување со отпадот, заштитата на природата и здравата животна средина треба да бидат приоритет во Македонија.


Во образложението за иницијативата се посочува дека еколошката криза директно влијае врз здравјето, квалитетот на животот, работоспособноста и иднината на граѓаните, но и дека животната средина премногу често останува на маргините на јавната дебата.

Како еден од најголемите проблеми се издвојува загадувањето на воздухот. Според наведените податоци од Европската агенција за животна средина, со податоци до 2023 година, Македонија има највисока релативна стапка на здравствен товар од изложеност на PM2.5 меѓу 40 земји опфатени со анализата.

Во иницијативата се повикува и на извештај на УНИЦЕФ од 2026 година, според кој 99,9 отсто од децата во Македонија се изложени на штетно загадување на воздухот, кое може да влијае врз нивното здравје, учење, развој и благосостојба.

Се посочуваат и економските последици од загадувањето. Според наведено истражување на ОЕЦД спроведено врз повеќе од 2,5 милиони компании во Европа, зголемување на концентрацијата на PM2.5 за 1 микрограм на кубен метар е поврзано со просечен пад на продуктивноста на трудот од 0,55 отсто.

Покрај загадувањето на воздухот, како проблеми се наведуваат несоодветното управување со отпадот, дивите и нестандардни депонии, палењето отпад, ризиците за почвата и подземните води, неконтролираната урбанизација и намалувањето на зелените површини, како и зголемениот притисок врз водните ресурси.

Иницијаторите оценуваат дека досегашните реакции премногу често се сведуваат на привремени и ад-хок мерки. Според нив, субвенциите за инвертер-клими и сличните мерки можат да бидат дел од решението, но не можат да ги заменат долгорочната визија, системскиот пристап и континуираните политики.

„Не сакаме животната средина да биде тема на која се реагира само кога граѓаните ќе го кренат гласот. Сакаме да биде дел од начинот на кој ја планираме економијата, градовите, енергетиката, транспортот, управувањето со отпадот, водите и природните ресурси“, се наведува во текстот.

Со петицијата се бара граѓаните самите да покажат колку високо ја рангираат животната средина меѓу своите приоритети.

„Ова не е петиција за една политичка партија, една власт или една институција. Ова е можност граѓаните да испратат едноставна и јасна порака: Да, животната средина ни е приоритет“, се наведува во иницијативата покрената од активистката Драгана Карашова.

На потребата од посистемски пристап кон еколошките проблеми се осврна и активистката од граѓанскиот сектор Ивана Пенева, која во пресрет на потпишувањето посочи дека пожарите, загадувањето, ерозијата и поплавите не треба да се третираат како одделни проблеми.

Повикувајќи се на најновиот билтен на Светската метеоролошка организација, Пенева наведува дека екстремните настани со чад од пожари денес се речиси трипати почести отколку во 90-тите години, а дополнителната изложеност на чад се поврзува со близу 100.000 предвремени смртни случаи годишно во периодот од 2010 до 2018 година.

Таа посочува дека пожарите, покрај уништувањето на шумите, ослободуваат PM2.5 честички, црн јаглерод и токсични соединенија, додека уништената вегетација ја остава почвата незаштитена и го зголемува ризикот од ерозија, поројни текови и поплави.

„Во Македонија сè уште премногу ги третираме овие проблеми одделно. За пожарите зборуваме летно време, за загадувањето во зима, а за ерозијата и поплавите дури откако ќе настане штетата. Но природата не функционира по институционални сектори и годишни извештаи“, наведува Пенева.

Според неа, не е доволно само да се евидентира колку хектари изгореле и потоа да се засадат садници, туку се потребни постпожарни процени на сливовите, следење на PM2.5 и озонот, мапирање на ранливите падини и населени места, стабилизација на почвата и долгорочна обнова со соодветни автохтони видови.

„Заштитата на шумите е прашање на јавно здравје, квалитет на воздухот, вода, почва и безбедност на населението. Ако продолжиме да реагираме само кога ќе се појави чадот или кога водата ќе влезе во домовите, тогаш не управуваме со ризикот, само ги плаќаме последиците“, порача Пенева.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK