ЕУ подготвува големи правила за новите членки: Без вето и со можност за задржување на пари


depositphotos_89337712_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По приемот, новите членки на Европската Унија треба да се откажат од правото на вето на одлуките донесени со консензус во Унијата, а постои и можност да им бидат одбиени финансиски средства ако регресираат во областа на владеењето на правото или ги загрозат интересите на Унијата, според предлогот за реформа на процесот на проширување на ЕУ, кој го видел берлинскиот портал table.media.


Порталот пишува дека, според нацртот на реформата, аранжманот со кој новата членка на ЕУ привремено би се откажала од правото на вето би можел да има форма на декларација што би го придружувала договорот за членство.

Дел од реформата се и дополнителни механизми за заштита што би се применувале на новите членки на ЕУ кои покажуваат сериозна регресија, пишува table media. Користејќи го овој механизам, ЕУ би имала право да ѝ одбие финансиски средства на новата членка во текот на ограничен период.

Причината за ова, пишува порталот, би биле „недвосмислени индикатори или сериозен ризик“ дека постојат недостатоци во владеењето на правото, кршење на заедничките вредности на ЕУ, несоодветно управување со средствата на ЕУ и загрозување на нејзините финансиски интереси.

Нацрт-реформата, исто така, предвидува можност Европската комисија да предложи новата членка на ЕУ привремено да биде суспендирана од донесување одлуки во Европскиот совет и Советот на ЕУ, односно конкретно се споменува лишувањето од правото на глас, пишува table.media.

Нацрт-реформата ја подготви комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, и во неа се наведува дека поголемата ЕУ бара побрзо и поефикасно донесување одлуки. Кос планира да ја претстави нацрт-реформата насловена како „Анализа на политиките пред проширувањето“ на 30 септември, според написите.

Како дел од чекорите за забрзување на донесувањето одлуки во новата, потенцијално значително поголема ЕУ, се предвидува дека секогаш кога е можно, наместо со консензус, одлуките ќе се донесуваат со квалификувано мнозинство.

Се додава дека наједноставниот начин да се направи ова е да се користат таканаречените клаузули „пасерел“, односно да се искористи можноста за пофлексибилно донесување одлуки без измена на Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува задолжително едногласно донесување одлуки во надворешната и безбедносната политика и одредени финансиски прашања, пишува медиумот.

Во нацрт-документот се наведува дека ова би ја зајакнало способноста на ЕУ да одговори на стратешките предизвици, вклучувајќи прашања како што се санкциите, човековите права, заедничката безбедност и одбраната.

Сепак, би била вградена и „рачна сопирачка“, која предвидува можност членката да го упати спорното прашање до Европскиот совет. Исто така, се споменува механизмот од Јањина, кој предвидува колкав процентен удел во вкупното население на ЕУ и удел во бројот на членки на ЕУ е потребен за да се блокира одлуката.

Комисијата сака да ги подготви главните институции на ЕУ за новата, поголема Унија. Еден од предлозите е бројот на членови на Европската комисија да се намали на две третини од бројот на членови, што значи дека секоја земја нема да има свој европски комесар како порано.

Европскиот совет треба да усвои систем на ротација што би ја одразувал демографската и географската разновидност. За Европскиот парламент, кој сега има 720 пратеници, Марта Кос верува дека има капацитет да прими поголем број пратеници, но исто така проценува дека тоа нема да биде случај засекогаш.

Table.media пишува дека Европската комисија првично планирала да го презентира предлогот за реформа на ЕУ пред една година, но дека доцни поради „деликатната рамнотежа помеѓу загриженоста на сегашните земји-членки и чувствителноста на потенцијалните идни членки“.

Се очекува во говорот за состојбата на Унијата, во среда, 16 септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да се осврне на прашањето како ЕУ треба да се подготви за нови земји-членки, 13 години по последното проширување. Проширувањето ќе биде тема и на октомврискиот самит на ЕУ, кога се очекуваат и извештаи за напредокот на земјите-кандидатки на европскиот пат, пишува table.media.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK