Дрон речиси го погоди авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски при полетувањето од Молдавија. Зеленски отпатува за Осло на погребот на починатиот норвешки крал Харалд, а информациите за инцидентот ги откри норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе за државната телевизија „НРК“, пренесуваат медиумите.
„Дрон речиси го погоди неговиот авион додека се подготвуваше да полета од Молдавија. Тоа е реалноста со која се соочува“, рече Сторе.
Норвешкиот премиер го опиша и својот разговор со украинскиот претседател. „Го прашав како му поминала ноќта, а тој одговори дека не е добро бидејќи бил на телефон и добивал вести за тоа каде паднале ракетите низ цела Украина. Ситуацијата е многу драматична и остава силен впечаток“, рече Сторе.
„Нашата слаба точка е одбраната од балистички ракети“
Зеленски пристигна во хотелот „Плаза“ во Осло околу 21 часот вчера, каде што се сретна со Сторе и норвешкиот министер за надворешни работи. Средбите продолжија во средата, кога претставници од кабинетот на норвешкиот премиер повторно се сретнаа со украинскиот претседател.
Украинскиот претседател рече дека разговара со Норвешка и Канада за капацитетите за антибалистичко оружје. „Нашата слаба точка се антибалистичките капацитети. Мора да станеме посилни. Сакам да одржувам состаноци и во Норвешка и во Канада. Мора да го развиеме нашиот сопствен антибалистички систем“, рече Зеленски.